МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ : РЕКОНСТРУИРАВМЕ ПОГОЛЕМ БРОЈ НА УЧИЛИШТА, А ДО КРАЈОТ НА ГОДИНАТА ОЧЕКУВАМЕ ИЗГРАДБА НА ДОПОЛНИТЕЛЕН КАПАЦИТЕТ НА ДРЕКСТЕЛ МАЈЕР И МОЖНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ДОПОЛНИТЕЛНИ 2.000 ЛУЃЕ

0
511
Почитувани,
Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска одржа
средба со заменикот министер за образование и наука Лулзим Алиу,
претставници на Центарот за стручно образование и наука, директори на
општински средни стручни училишта, претставници на меѓународни
организации, институции, приватни компании на тема унапредување на
средното стручно образование, организирано од ресорното министерство.
На средбата, Димитриевски имаше свое обраќање, а беа споделени и
информации кои се во интерес на подобрување на средното стручно
образование, со единствена цел да се креира квалификуван и стручен
кадар, кој ќе одговори на потребите на пазарот на труд, но ќе ја зголеми
и вработливоста на младите.
„Најпрво сакам да ја поздравам оваа иницијатива на ресорното
министерство за образование и наука, да им посакам добродојде во
Куманово. Денеска ќе разговараме на една од главните теми, а тоа е
едукативниот процес на младите луѓе и стручното образование кое што во
општина Куманово се одвива во повеќе средни училишта, едно од нив е
земјоделското училиште, кое го доби статусот на државно училиште додека
техничкото и поранешно економско училиште се уште се под надлежност на
општина Куманово. Ние во рамки на нашите можности ги унапредуваме
условите за учење во овие објекти и успеавме во изминатиот период да
направиме реконструкција на поголем број од овие средни училишта,
вклучувајќи ја и гимназијата „Гоце Делчев“ и дополнително секако ќе
постапуваме согласно програмите кои што доаѓаат од ресорното
министерство. Имаат за цел да произведат стручни кадри кои што веднаш
потоа би биле работно ангажирани во некои од капацитетите на нашиот
град, а како што знаете во подем е техничката струка. Веќе имаме
реализирано една инвестиција од страна на странска компанија Дрекстел
Мајер, дополнително до крајот на годината изградба на уште еден таков
капацитет, со можност до следната година за вработување на околу
дополнителни 2000 луѓе. За тие капацитети ќе треба да се произведе
стручен кадар дополнително и она што значат најактуелните струки во
делот на медицината и техничките науки , дополнително она што подразбира
занаетчиството, дел од струките коишто се изучуваат во средното
економско училиште „Перо Наков“ и апсолутно таму каде што е главната
стратегија на државата т.е земјоделието да ги следиме и тие трендови.
Јас очекувам покрај овие теми денеска да отвориме и една реална и
објективна тема, а тоа се реалните потреби на училиштата и што
капиталните инвестиции значат за нашата општина, бидејќи како што знаете
капиталните инвестиции во делот на образованието се под надлежност
директно на министерството. Лично очекувам јас, а и голем број на колеги
од здружението на единиците на локална самоуправа во ЗЕЛС
децентрализација на ваквите средства како би можеле што помасовно да ги
користиме и едно од најпроблематичните теми во делот на образованието,
тоа е изградба на нов училишен објект на гимназијата „Сами Фрашери“ и
паралелките на албански наставен јазик во техничкото училиште. Значи да
разговараме и за програмата и за унапредување на програмата,
имплементација на програмата, но да разговараме и за реалните проблеми и
ефектот на економската т.е енергетската криза и по однос на високите
сметки кои што се реалност за одржување на процесот за образование и
бидејќи се соочуваме со сериозни проблеми и доколку продолжи овој тренд,
а не се покачат блог дотациите, најголем дел од училиштата ќе се соочат
со сериозни финансиски проблеми во делот на плаќање на зависните
трошоци. Ако зборуваме за пренесени надложности како што е сегментот на
образованието, тогаш државата има обврска да трансферира средства за да
можат да бидат платени сите трошоци во делот на образовниот процес“,
истакна Димитриевски.
Заменикот министер за образование Лулзим Алиу упати благодарност до
градоначалникот Димитриевски за пречекот, но и можноста да се разговара
за потребите кои ги има градот, како и компаниите кои работат и
функционираат во Куманово.
„Овој проект веќе е втора година и добиените резултати од ланската
учебна година колку се запишани и колку има зголемен интерес, сигурно
ние ќе сакаме да креираме образовни политики за во учебната 2022/2023 да
им излеземе во пресрет на средните училишта или професионалните смерови
при средните училишта за да по нивно барање, која е нивната потреба тие
смерови да им дадеме како министерство можност за да запишат повеќе
ученици во тие смерови. Таква политика ќе градиме како образование, како
општина да произведуваме стручен кадар кој ќе остане во Куманово, во
државата. Знаете, многу компании се жалат дека кубурат со професионален
кадар и тој спремен средношколен кадар да може да продолжи да работи и
да им излезе во пресрет на самите компании, на самиот град. Таквата
политика ќе допринесе на една друга работа, а тоа е иселеништвото. Тие
ученици откако ќе завршат, тие матуранти нема да мислат за да се
преселат, туку ќе придонесат во нивното родно место“, рече заменикот
министер Алиу.
Претставничката од Стопанската комора Наташа Јаневска информираше дека
активно од 2016 година се работи на проблематиката со недостатокот на
стручен кадар со воведување на дуалното образование, како една од
најефикасните методи којшто може да го обезбеди стручниот кадар за
компаниите
„Тоа значи дека компаниите ги доставуваат барањата, образовните
институции кои за жал порано беа како одвоен сет од компаниите, успеавме
да ги приближиме со бизнис заедницата и на тој начин да излезат во
пресрет, да креираат образовни програми според потребите на компаниите,
а компаниите што е многу важно да ги земат учениците на практична обука
за да можат да ги обезбедат оние практични и стручни вештини, она што е
стекнато во училишните клупи да се примени во компанијата на реално
работно место и после тоа да можат да ги вработат веднаш по нивното
завршување. Тоа е една од основните цели. Тоа е најефикасно затоа што
покрај тоа што ќе стекнат стручни вештини во самата компанија со
практичната обука, тие ја запознаваат организациската структура на
компанијата, се запознаваат со работните процеси и многу е полесно
веднаш да се вклучат во тие работни процеси без да имаме дополнителни
финансиски средства за обуки, за преквалификација од страна на
компаниите“, потенцираше Јаневска.