(ВИДЕО) Милошев: За ВМРО-ДПМНЕ барокните фасади се поважни од здравјето на граѓаните

0
1595

milosev9999Најновиот ребаланс на буџетот е само уште една потврда дека за ВМРО-ДПМНЕ многу поважни се провизиите и бизнисите со барокни фасади отколку здравјето на граѓаните, реагираше на прес-конференција Владимир Милошев, претседател на ОО СДСМ Штип и член на Комисија за здравство на СДСМ.
Прес-конференцијата ја пренесуваме интегрално:

„Умираат новороденчиња и родилки, а 540 милиони денари се скратени од буџетот за здравство. За здравје на луѓето, криминалната власт нема пари. Но, има пари за споменици и барок.

И покрај тоа што последните месеци здравството по кој знае кој пат го тресе инсулинска криза, Владата на ВМРО-ДПМНЕ реши да скрати дополнителни 90 милиони денари од инсулино зависните пациенти. Голготата на пациентите со шеќерна болест ќе се продлабочува.

Во оваа група спаѓаат и болните на дијализа, за чије лекување Владата на ВМРО-ДПМНЕ реши да скрати цели 10 милиони денари.

Пациентите кои чекаат старт на Центарот за трансплантација кој беше ветен од ВМРО-ДПМНЕ, и кој би значел продолжување на нивниот живот, со ребалансот се потполно избришани и за нив се предвидени 0 денари.

Исто така, постои и значително кратење во делот на Програмата за задолжителна имунизација во вредност од 60 милиони денари.

Очигледно и оваа година голем број граѓани на Македонија ќе бидат принудени да заминуваат во соседните земји по поквалитетни и безбедни вакцини.

Трагедијата да биде уште поголема, владата на ВМРО-ДПМНЕ реши да штеди и на болните од малигни заболувања, пред се во нивното рано откривање.

Жителите од руралните средини и понатаму ќе мораат да се снаоѓаат како знаат и умеат, бидејќи со ребалансот на буџетот има огромно кратење на парите за изградба на амбуланти во селата. Од предвидените 1,5 милиони денари, со ребалансот се предвидуваат само 100 илјади денари.

Постои и значително кратење од 19 милиони денари за реконструкција на неколку болници низ државата.

И долгонајавуваните изградби на нови болници се на удар на донесениот ребаланс. За изградба на Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип се кратат дополнителни 35 милиони денари.

Оваа криминална власт на Никола Груевски ќе ја казнат родителите кои останаа без бебиња, дијабетичарите без инсулин, болните од малигни заболувања без лекови, болните со ретки болести, луѓето кои пешачат по 20 километри до најблиската амбуланта.

Граѓаните ќе изберат одговорна влада којашто ќе се грижи за нив и нивното здравје“, порача Милошев.