Хан: Прво економско обединување на Западен Балкан, потоа влез во ЕУ

0
1281

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан во своето обраќање на бизнис-форумот во рамките на Самитот за Западен Балкан во Париз повика Западен Балкан прво економски да се обедини, па потоа да влезе во ЕУ. Притоа, за разлика до Црна Гора, Албанија, Србија и Косово, тој не ја спомена Македонија во ниту еден контекст.

Еврокомесарот смета дека иако во моментов ЕУ е во тешка фаза, потенцијалот за членство во ЕУ продолжува да биде фактор на промени и сидро на стабилност за земјите од Југоисточна Европа.

Хан нагласи дека мерките кои ЕУ ги предлага треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред земјите и официјално да станат членки на Унијата.

– Еден од најголемите предизвици за подготовка на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ е реконструкција на економијата. Владеењето на правото и економскиот развој се две страни на една иста паричка. Владеењето на правото, особено правната сигурност и функционирањето на судскиот систем, ги поттикнува инвестициите и економскиот раст. Западен Балкан во моментов се соочува со значителни проблеми. Нашиот пристап е да го зајакнеме економското владеење. Тоа е единстевниот начин за регионот да доживее долгорочен економски раст и подоборување на продуктивноста и компетитивноста, рече Хан.

Според еврокомесарот, повеќето земји покажале силна посветеност на економскиот реформски процес и го поставиле како централен елемент во своето стратешко планирање во економијата. Неговата имплементација се одвивала со различна динамика во секоја земја, особено во однос на клучните препораки за структирни реформи.

– Секоја влада за следната година треба да преземе конкретни чекори за спроведување на секоја од реформите, рече Хан, додавајќи дека ЕУ била многу јасна кога посочила дека станува збор за реформи кои се неопходни за да им се даде вредност на инвестииците.

Тој вели дека поврзувањето не значи само градење на нова инфраструктура туку и во начинот како таа најдобро да се искористи.

– Инвестициите без реформи немаат многу смисла. Зошто некој би инвестирал во нови патишта, ако постоечката мрежа не се одржува правилно? Ние решивме да дадеме 96 милиони евра за три железнички инфраструктурни проекти во Србија, Албанија и во Касово. Исто така ќе дадеме 50 милиони евра за „зелени проекти“, како што се енергетската ефикасност на стабени згради и мали хидро централи. Ова покажува дека ние сме сериозни во нашата решеност до 2020 година висината на грантовите за кофинансирање на поврзувачки проекти да изнесува 1 милијарда евра. Сите овие мерки треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред приклучувањето на земјите во ЕУ, рече Хан.

Денеска во Париз се одржува третиот самит помеѓу ЕУ и балканските земји.

Иницијативата за овој самит ја изнесе Германија пред три години за да може ЕУ поефикасно да им дава поддршка на балканските кандидати за членство во нивните реформски напори и тоа преку конкретни иницијативи.

Овој пат самитот во Париз ќе се фокусира на две големи теми: развој на инфраструктурата во енергијата и транспортот за да се олесни поврзувањето на регионот со другите делови на континетот со што ќе се фаворизира економскиот развој и иницијативи за младите за да се олесни мобилноста во регионот и во ЕУ со цел да се зголеми способноста на младите од Балканот во нивниот иден професионален живот што е фактор на доближување до ЕУ.

На самитот учествуваат шефови на држави и влади и министрите за надворешни работи и економија. Ќе биде организиран и Бизнис форум на кој ќе се разговара за можни инвестиции.

Извор : НоваТВ