(ВИДЕО) Заев: Во СДСМ не губиме време, партиска работна група и експерти го разгледуваат предлогот на ДУИ

0
1403

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев одговараше на новинарските прашања.

Господине Заев од ДУИ дали добивте нов предлог закон за употреба на јазиците или само забелешки на законот што вие го подготвивте?

Тоа се исти материјали за коишто дискутираме. Верувам дискутирале и со ВМРО ДПМНЕ сега дискутираат и со нас. Доцна синоќа негде пред полноќ стигнаа материјалите, работните групи го разгледуваат материјалот и штом ќе имаме некакви информации веднаш ќе ве известиме. Она што сакам да и го кажам на јавноста, можеби ќе се повторам, за нас е се прифатливо што е во рамките на Уставот и сето она коешто претставува практична потреба на граѓаните од албанската заедница секако имајќи го во предвид и аспектот на потребата на граѓаните и од другите малцински заедници. Тие две рамки уставно да биде издржано и одржливо и практична потреба на граѓаните сето тоа ја претставува рамката на разговорите и јас верувам дека ќе успееме да изнајдеме решение.

Дали се прифатливи забелешките? Очекувате брз исход со оглед на комуникацијата којашто ја водите?

Јас верувам дека со вака широко поставени рамки исправени со концептот едно општетство за сите верувам дека ќе се изнајде решение. Не можам да кажам кога тоа ќе се случи заради тоа што знаете дека не сме ние тие во оваа постапка коишто одлучуваат генерално. Пред се чекаме одлуки од страна на ДУИ. Еве синоќа дадоа одредено решение, го немам видено лично, но секако во најбрзо можно време ние веднаш ќе се изјасниме.

Што ви достави ДУИ како предлог закон?

Го немам видено. Синоќа на полноќ стигна. Од сабајле се овие активности отворени. Работната група, составена од Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Рената Дескоска, а потпомогната од доста експерти од партијата и надвор од неа, веќе работат на материјалот. Првата работа која ја гледаме при вакви договарања е Уставот и дали е во рамки на Уставот. Втора работа, дали е вистинска практична потреба на граѓаните. Да не биде само хир, да не биде само политизација, конечно да ги решиме овие работи за да може да продолжиме натаму.

И бизнис заедницата порача дека мора да се донесе итно решение на кризата. Дали ќе бидете практични и ќе се потрудите брзо да се реши оваа ситуација за да може стопанството да се врати во колосек?

Јас мислам дека реба да се реши дури и побрзо од тоа што бизнис заедницата го зборува. Треба уште од вчера да ги завршиме тие работи, ако навистина се фокусираме на она што е интерес на граѓаните и нашата земја. Политиката не е лесна, но еве, она што можам да го кажам е дека во СДСМ не губиме време. Состанците беа отворени утрово од 8.30 часот, се носат одлуки и решенија. Сакаме да бидеме прагматични, но при тоа да не направиме грешки кои би ја чиниеле и економијата и граѓаните. Верувам дека е можно брзо да се најде решение. Во тоа име, верувам дека час поскоро треба да се добијат потписите, затоа што тогаш би влегле во онаа уставна рамка од 20 дена, но лично јас како една од страните која сака да разговара и преговара, верувам дека тие 20 дена можат и мораат да бидат скратени.

Роковите течат. Може да бидат доведени во прашање и локалните избори?

Се согласувам. И еве тоа го чувствувам како причина повеќе за да се забрзаат одлуките на политичките субјекти кои разговараат, заради тоа што рокот за распишување на локални избори е 70 до 90 дена. Ако тие се во првата половина на мај, на 7-ми или 14-ти мај, тогаш роковите за распишување на избори се наближуваат, тоа е 4-ти март или веќе на крајот на февруари тие треба да се распишат.