ВАСКО НАУМОВСКИ : ВМРО-ДПМНЕ ТЕШКО ЌЕ ГО ПРАВДА ПРОТИВЕЊЕТО ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

0
530

Темата сега веќе не е францускиот предлог, туку како да се заштитат правата на овие заедници. Од една страна, тие ќе се обидат да усвојат наратив дека ги бранат интересите на државата, но истовремено ќе бидат соочени со критика дека го попречуваат европскиот пат на Македонија и, според мене, ќе биде многу тешко да се избалансира во наредниот период, вели поранешниот вицепремиер и амбасадор

Универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, вели дека во процесот на проширување на ЕУ на ниту една држава не ѝ биле дадени гаранции дека до одреден датум ќе стане членка на Европската Унија. Ова е неговиот коментар за барањето на опозициската партија за гаранции од ЕУ како предуслов да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот. Во емисијата ,,360 степени” на ТВ Алсат, Наумовски оцени дека ќе биде тешко за ВМРО-ДПМНЕ да го оправда својот став да не се внесат Бугарите и останатите заедници во Уставот.

„Темата сега веќе не е францускиот предлог, туку како да се заштитат правата на овие заедници. Од една страна, тие ќе се обидат да усвојат наратив дека ги бранат интересите на државата, но истовремено ќе бидат соочени со критика дека го попречуваат европскиот пат на Македонија и, според мене, ќе биде многу тешко да се избалансира во наредниот период“, рече Наумовски.

Тој очекува дека околу ова прашање сите политички партии ќе се пазарат, но доколку на опозицијата ѝ се понудат предвремени избори со цел да ги поддржи уставните измени, ќе биде многу незгодно ВМРО-ДПМНЕ да го оправда своето гласање.

„Опозицијата ќе биде доведена во ситуација да се повлече од својот став дека нема да гласа за Бугарите во Уставот и оние славни нотарски изјави, затоа што добила предвремени избори од страна на власта. Мислам дека, објективно гледано, шансите се некаде 50-50 за измена на Уставот во текот на мандатот на овој пратенички состав“,рече Наумовски. Во емисијата учествуваа и директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, и политикологот Иво Ранѓеловиќ. Кржаловски и Ранѓеловиќ се уверени дека уставни измени ќе се случат и дека е само прашање во кој момент и во какви околности ќе се случи тоа.