БОЧВАРСКИ ОД СОФИЈА : ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ГОДИШНИТЕ ТРАНСПОРТНИ ДОЗВОЛИ И ИЗГРАДБА НА ИНТЕРКОНЕКТОРОТ ЗА ГАС СТРУМИЦА – ПЕТРИЧ

0
409

Делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска престојува во работна посета на Софија, Република Бугарија, каде се одржа втората средба на Работната група за транспорт, енергетика и локална самоуправа, помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Во рамките на работната група за инфраструктура и патен транспорт предводена од министерот Благој Бочварски, двете страни се согласија на зголемување на квотата на дозволи на 1500 годишни дозволи за транспорт на стоки за и од трети земји. Исто така, Комисијата направи значителен напредок во преговорите за целосна либерализација на товарниот транспорт.

За утре предвидена е посета на делегација на Република Бугарија составена од министерот за транспорт и комуникации, Николај Сабев, министерот за туризам, Христо Проданов, заедно со триесетина тур оператори, на која средба ќе се разговара за развој на туризмот меѓу двете земји.

Во делот на инфраструктурниот развој, двете страни се согласија да се иницира средба со претставници од Европската комисија во насока за финансиска поддршка за доизградба на коридорот Софија – Скопје – Тирана – Драч, кој би придонел за подобро поврзување и забрзан економски развој на регионот.

На работната група присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, каде заедно со бугарскиот колега, Гроздан Караджов, разговараа за понатамошната соработка меѓу двете земји во делот на прекуграничната соработка и реализација на проекти финасирани од ИПА 3 компонентата, како и за отворање на граничниот премин Клепало кај Берово.

Во однос на соработката на енергетскиот сектор, каде присуствуваше директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, беше договорена изработка на физибилити студија за изградба на интерконекторот Струмица – Петрич. Двете страни се согласија за користење на капацитетите на резервоарите за природен гас на Република Бугарија, како и заедничко партнерството во изградбата на LNG терминалот во Александрополис, Р. Грција.