БОМБА НА ТВ „КЛАН“: АЛИЈАНСА НА АЛБАНЦИТЕ ВЛЕГУВА ВО ВЛАДАТА, ПАРТИЈАТА ДОГОВОРИЛА И КОИ МИНИСТЕРСКИ РЕСОРИ ЌЕ ГИ ДОБИЕ

0
1226
Неофицијално, постигнат е договор меѓу Алијансата за Албанците и владините претставници за влез на партијата во Владата, објави доцна попладнево ТВ „Клан“, повикувајќи се на извори во АА.

Според овие извори, Алијанса се договорила нејзини кадри да ги предводат Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, а таа евентуално може да го добие и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство. Дополнително, според истите извори, партијата ќе добие и 30 директорски места во државни институции.

Гласините за проширување на владината коалиција почнаа да се шират пред неколку недели. Минатата недела, в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, се сретна со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, но и двајцата по средбата тврдеа дека не разговарале за влез на партијата во власта. По средбата, се појавија и информации дека Таравари и Ковачевски по средбата отишле на средба со Али Ахмети во неговото родно село Зајас, што АА подоцна го демантира.

Ахмети, пак, призна дека имало средби со претставници на партијата за нејзин евентуален влез во Владата. АА има осуммина пратеници во Собранието, кои доколку партијата влезе во власта, ќе го засилат владејачкото парламентарно мнозинство, во ситуација кога власта се обидува да добие поддршка од 81 пратеник за двотретинското мнозинство, потребно за најавените уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот.