БИТИЌИ – КОСТАДИНОВСКА СТОЈЧЕВСКА : ОБЕЗБЕДИВМЕ ДОСТОЕН ДОМ ЗА НАЦИОНАЛНАТА УСТАНОВА ,,ЏЕЗ ОРКЕСТАР НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА”

0
244
Заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на ТАВ Констракшн во Северна Македонија, Фатих Кан, потпишаа договор за реконструкција и адаптација на просторот доделен на Националната установа „Џез оркестар на Северна Македонија“, што ќе се реализира преку средства од ТАВ програмата.
Чинот на потпишувањето е последниот чекор во подготовките за непречено да започнат градежните работи на домот на Националната установа Џез-оркестар.
Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека потпишување на договорот е дел од мозаикот на концептот „Едно Општество“, секој е важен, секој треба да биде претставен и секој заслужува еднакви права.
„Концептот на „Едно Општество“ нема само етничка димензија, туку и социјална и културна, за што говори и доделувањето на трајна адреса за Национална установа „Оркестар за џез-музика во Република Северна Македонија“ овде во Националната опера и балет. Посветеноста на Владата за културната различност ја препозна улогата на националниот џез оркестар во нашиот културен мозаик. Токму поради тоа, новиот дом на џезерите, „Куќата на џезерите“ доби од Владата над 11 милиони и 700 илјади денари од кои 10 милиони се средства од ТАВ програмата, поточно со позитивната разлика од околу 30 милиони денари помеѓу проектираната и изведбената цена од веќе изведените проекти кои ги реализираме низ сите општини со оваа програма“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека вкупниот износ на инвестициите на ТАВ програмата е 49,7 милиони евра, со кои се реализираат инфраструктурни проекти низ сите општини, со моментално завршени 67 проекти, а уште три проекти ќе бидат завршени до крајот на годинава.
„Вкупно 70 проекти во исто толку општини низ цела држава, со што ја јакнеме локалната инфраструктура, што за мене е исклучително важно, бидејќи сметам дека само преку подеднакво вложување во сите региони, во сите општини работиме кон еднакво, едно општество за сите. Веќе знаете дека преку оваа програма со која се реализираат инфраструктурни проекти низ сите општини, градиме водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, поточно инфраструктурни проекти кои се значајни за нашите сограѓани“, рече Битиќи.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска од нејзина страна посочи дека  запазувајќи ги сите законски процедури и рокови, на наше големо задоволство, но и на џез-музичарите и на вљубениците во џезот, денеска сме уште еден голем чекор поблизу до целта.
„Сите договорни страни имаме иста цел, а тоа е брза и квалитетна реконструкција. И овој објект, по својата опременост, мора да биде според светски стандарди, а изведбата на беспрекорно ниво. Затоа на сите чекори досега се работеше внимателно и темелно, не само поради специфичноста на „куќата на џезот“ туку и поради фактот дека културата не смее да си дозволи уште еден објект чие реконструирање и адаптација ќе траат кратко време, а потоа неговото одржување да биде агонично и прескапо.
Такви објекти наследивме. И доста е. За оваа Влада, „куќата на џезот“ не е предизборно ветување и не се соочуваме со предизборна трка со времето туку со огромен напор да создадеме квалитетен простор во овој објект“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Директорот на ТАВ Констракшн во Северна Македонија, Фатих Кан, го изрази неговото задоволство но и на компанијата, за можноста да допринесат за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните.
„Како корпоративно општествено одговорна компанија, ни претставува чест да придонесеме за локалните заедници,  за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните. Реконструкцијата на еден сегмент од зградата на Националната опера и балет, за потребите на оркестарот на џез музиката, е еден од оние проекти кои позитивно влијаат, создавајќи културни придобивки за целото општество“, рече Кан.