БИТИЌИ ВО ФАБРИКАТА ,,АТС АММО” – САМОКОВ : ПОЛНОПРАВНОТО ЧЛЕНСТВО ВО НАТО СОЗДАДЕ МОЖНОСТИ ЗА РАСТ НА ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ

0
265
Заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, направи обиколка на „АТС АММО“ – Самоков, фабрика која придонесува значително за локалната економија во Македонски Брод и која претставува потврда за економските придобивки од членството во НАТО.

Во продолжение, интегрално ја проследуваме изјавата на вицепремиерот Битиќи дадена при посетата на АТС АММО – Самоков:

„Заедно со премиерот Ковачевски и министерката Петровска направиме обиколка на АТС АММО – Самоков, се запознавме со процесот на производство, но и непосредно од менаџментот имавме можност да слушнеме за тоа како се управува со една модерна фабрика која придонесува значително за локалната економија во Македонски Брод и која е потврда за економските придобивки и можности кои полноправното членство на земјата во НАТО ги носи за домашните компании.

Полноправното членство во НАТО нема само политичко и безбедносно значење за државата, тоа донесе позитивни ефекти врз националната економија, создавајќи можности за раст на домашните компании, за што пример е АТС АММО која е впишана како економски оператор која има пристап до тендерски постапки на одбранбениот сојуз во вредност од пет милијарди евра.

Како членка на оваа стратешка Алијанса, на домашните компании им се создаде можност да пристапат до нова мрежа на економска соработка и трговски партнерства, да создадат нова додадена вредност, како за нив, така и за севкупната економија на државата.

Би сакал да ги повикам домашните компании да го следат примерот на АММО, да се охрабрат, да ги приспособат и реструктурираат своите производствени процеси, односно своите производи да ги усогласат со највисоките стандарди на Алијансата, што е услов за учество во тендерските постапки. Ова бара технолошко унапредување, но затоа компаниите не се оставени сами.

Во оваа насока, ќе го споменам Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како можност која ја создадовме за домашните компании да бидат поддржани во делот на инвестиции за технолошко унапредување на производството, посебно во делот на инвестирање за истражување и развој, каде финансиската поддршка изнесуваат 50% од прифатливите трошоци, како и поддршката во делот на извозот. Веќе преку овој закон се поддржани 919 компании, кои имаат реализирано инвестициски циклус од пола милијарда евра, поддржан од страна на Владата со околу 100 милиони евра. На овој начин, директно ги стимулираме и домашните компании, своето производство, своите производи, да ги прилагодат на критериумите на Алијансата и со тоа да им отвориме нов простор за раст на бизнисите, за отворање на нови работни места, со достоинствени плати за граѓаните“.