АПАСИЕВ КОГА ЌЕ ПОРАСНЕ САКА ДА БИДЕ СТАЛИН: СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА НА НОВИНАРИТЕ МЕРИ ЈОРДАНОВСКА И ПРЕДРАГ ПЕТРОВИЌ, СУДЕЊЕТО ГО ВРАТИ НА ПОЧЕТОК

0
533

Апелациониот суд Скопје вчера ја укинал ослободителната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје против новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ, тужени кривично од пратеникот Димитар Апасиев од Левица. Предметот го вратил на повторно судење. За неколку дена, според судските покани, судењето пак треба да почне од нула во Кривичниот суд.

Тројцата судии не ги осудиле Јордановска и Петровиќ, туку поради пропуст во постапката, судењето го вратиле назад. Тие пак ќе минуваат низ притисокот врз нив од страна на тужителот Апасиев, што за ЗНМ е скандалозно решение на повисокиот суд. Повод за тужбата на Апасиев кон новинарите беше објавениот текст насловен како „Сороспии и курирци – Апасиев агресивен кон новинарите на А1он откако беше запрашан дали ќе ги задржи буџетските пари“, објавен на 7 декември 2020 година од „А1он“.

„Потсетуваме дека во постапката за овој случај која траеше речиси една година, тужителот не се појави лично ниту еднаш на судска расправа, а новинарите повеќе пати присуствуваа на расправи во судот каде ја застапуваа својата одбрана. Основниот кривичен суд Скопје пресуди во полза на новинарите во февруари оваа година, а со решението Скопска Aпелација го враќа на повторно судење и новинарите веќе имаат покана за рочиште овој месец“, реагираше ЗНМ. Здружението смета дека ваков вид на тужби служат да се предизвика заплашување и разни трошоци или едноставно да се исцрпат тужените новинари.

„Целта не е да се добие правда, туку да се малтретираат тужените со цел да се демотивираат или да се откажат од јавна критика. Ваквите тужби во контекст на Советот на Европа се познати како стратешки тужби за спречување на јавно учество (SLAPP). Овие тужби, посебно кога се иницирани од политичари и носители на јавни функции, можат да предизвикаат цензура кај новинарите, а со тоа да се наруши правото на информирање на граѓаните“, велат оттаму. ЗНМ за ова решение на Апелациониот суд Скопје ќе ја извести Европската федерација на новинари (ЕФН) каде што ЗНМ е членка и ќе укаже дека станува збор за притисок преку судот на слободното новинарство.