АЗИЛ ЗА ЉУПЧО ПАЛЕВСКИ НЕ БИ ДАЛА НИЕДНА ДРЖАВА НА ЗЕМЈИНАТА ТОПКА

0
415

Ниту Русија, ниту Белорусија, ниту која било друга држава во светот не би му дала азил на Љупчо Палевски – Палчо, осомничен за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и за егзекуцијата на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, велат безбедносни експерти за „Слободен печат“.
Палевски се бара со меѓународна потерница за истрага за кривичните дела грабнување и убиство по издадена наредба од ОЈО Скопје, а каде се наоѓа во моментов не е познато. Кога ќе биде пронајден ќе оди директно во притвор.

– Во принцип, секоја држава дава политички азил, но не и за извршени тешки кривични дела како ликвидации и убиства. Русија и Белорусија нема да му дадат. Амбасадата на Русија во Македонија ги следи сите овие состојби и руските служби за разузнавање имаат информации и на оваа работа не верувам дека ќе се сложат.

Можно е некоја друга држава да го користи за други акции, во смисла на тероризам, но мислам дека Љупчо Палевски е компромитирана личност до крај, сите медиуми објавија податоци и фотографии од него и сметам дека нема кој да го заштити. Не верувам ниту дека има финансии, за условно речено да си ја купи слободата некаде. Очекувам Турција брзо да го врати назад, бидејќи има информации дека е таму и дека планирал да замине за Русија или Белорусија, но ако го пресечат тука неговиот пат, уште во Турција, тоа ќе биде добро, изјави за „Слободен печат“ Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

На прашањето дали доколку Палевски поседува компромитирачки материјали, како што се знае дека поседуваше, односно дека располагаше со незаконски снимени разговори -„бомби“ и дали тоа би можела да биде валутата со која би си ја платил слободата, Трајанов вели дека тоа не е можно.