Ад хок телото за медиумите ќе чека потврда дека ќе има избори за да може да работи

0
931

Ад хок телото за регулација на медиумите во предизборниот период нема да се состанува до 23 август, до кога треба да биде познат и петтиот член – Албанец, брифираат од таму. Моментно трае јавниот повик, а сите заинтересирани можат да се пријават до недела (21 август).

Цветин Чилиманов, член на ова тело на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не се предвидени никакви состаноци денеска и наредните денови.

– Се чека да се избере петиот член, за да може да почнеме со работа. Последниот член ќе го избереме ние со консензус од кандидатите кои се пријавиле на јавниот повик – вели Чилиманов.

Љубомир Костовски, член на телото по предлог на СДСМ, исто така вели дека не можат да работат се додека не се донесе конечна одлука за избори.

– Според договорот политичките партии треба да се сретнат уште еднаш и да кажат дека се исполнети условите за фер и демократски избори. Дури потоа ќе може да почнеме со работа – вели Костовски.

Членовите на ад хок телото за регулација на медиумите, вчера ги добија решенијата за работа и канцелариите во склоп на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), каде што ќе бидат сместени.

На краткиот состанок со директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски тие се договориле да се изготви оглас за избор на петиот член, кој е веќе објавен на страницата на АВМУ.

Иаку, Љубомир Костовски, Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова вчера беа на состанокот, додека Горан Трпеноски се уште е на годишен одмор.

Сите пет члена треба да се комплетни до 23 август.

Ад хок телото требаше да биде формирано до 19 август, но поради тоа што измените на Изборниот законик и Законот за медиуми беа објавени во службен весник со задоцнување од четири дена, за толку дена се пролонгира и неговото формирање.

Извор: Мета