Сашо Тасевски: ГДОМ, расол и нужда… голема!

0
1659

Си беа еднаш едни ГДОМ… Опа! Извинете, морам по голема нужда. Одма се враќам…

Еве ме пак. Опуштено. Каде застанавме? Значи, си беа еднаш едни од ГДОМ, здружени и загрижени граѓани за судбината на мајка Македонија. Ко пукнаа бомбите на опозицијата кои ги разоткрија криминалите на власта, овие загрижени граѓани, хорски, во еден глас, повикаа на национално обединување на Македонците против странските тајни служби и домашните предавници кои без дозвола ја снимале власта, а потоа снимените материјали ги сечеле, лепеле и монтирале за да ѝ наштетат на Македонија. Да ја потоморат. Камен на камен да не остане. Чунки, актуелната власт си е арна, да поарна не може да биде… Еве го пак… Извинете, морам уште еднаш по голема… Ќе бидам брз!

Брзо, нели? И тие гдомците, ко се појавија првпат, направија една страотна промотивна прес-конференција во еден хотел, пред куп камери и богами ни одржаа добра лекција за тоа што е патриотизам и како се сака сопствената земја кога е нападната од странски тајни служби и домашни платеници. И да ви кажам, ми падна малку непријатно ко ги слушав. Како тоа си велам, некој толку да си ја сака својата татковина, а јас да не можам да им парирам во тоа? Може стварно ние останатите сме нижа раса која не ја разбира таа света љубов кон татковината? Што ако ние за разлика од нив, несвесно или свесно сме попаднале под странска пропаганда и работиме за туѓи интереси на штета на националните? Може да се биде голем Македонец ко нив е добра карма, а нашата е тешка и бајата? Оти, тука нема спас, карма ко е во прашање. Предавник си и точка.

Гдомците во тие денови беа за восхит. Со голи гради на браникот на татковината, машки ги одбиваа налетите на странските тајни служби кои ја сакаа главата на големиот Македонец, Груевски. Толку без добро на првиот настап во Александар Палас, што добија покани за други настапи ширум нашата земја. Направија караван и настапуваа на трибини во сите градови и села. Ветуваа габаритни мермерни надгробни плочи за предавниците, ги колнеа, им посакуваа тешки заразни болести од кои ќе умираат споро, со тешка смрт. Секоја вечер националните телевизии за нив го чуваа ударниот термин, каде ги емитуваа најемотивните и најпатриотски делови од нивните настапи. Та не беше саде еден. Многу гдомци зедоа учество во тој едукативен, патриотски и високо-морален чин. Ги следев со отворена уста. Тие денови, дишев ГДОМ, сонував ГДОМ, живеев ГДОМ, јадев ГДОМ, какав… Сакам да кажам, морам пак по голема…

Простете. Не знам што ми е… Нејсе, така минуваа деновите со ГДОМ, во народна веселба и патриотско просветлување и одеднаш, нивниот караван заврши, а нив ги снема. Како се појавија, така се одјавија – одненадеж! Си реков, сигурно ја спасија Македонија од странските тајни служби и домашните предавници штом ги снема. Си ја завршија работата. Сигурен сум сите почувствуваме олеснување, само бевме малку загрижени за нив, оти не слушнавме ништо за нивната судбина. Каде ли се? Живи ли се? Кој мој се… Аааааај, отидов пак во тоалет…

Мора да е од расолот. Обожавам расол… Што ми беше зборот? Се сетив! Долго за гдомците глас не чувме, ама ко мина летото, оп, пак се појавија! Ама повеќе не зборуваа за странски тајни служби, ниту пак за спасувањето на Македонија, оти веќа ја спасија, претпоставувам. Наместо тоа се претставија на јавноста во ново светло и ново руво – како директори на разни државни институции! Излезе не седеле мадро додека ги немаше. Тајно работеле на одбраната на државата, а таа штедро им дарувала пари за нивните патриотски проекти. Суми и до сто илјади евра! Само опуштено! Тоа државата го прави за да ги демотивира домашните платеници и предавници! Тие сигурно не лапнале толку пари од странските тајни служби за да ја разнебитат Македонија. Со такви огромни суми подарени на гдомците, државата сака да им порача на сите домашни предавници дека предавството не се исплатува, туку само патриотизмот и љубовта кон татковината… Ууууф, ме скина стомакот… Морам пак по голема…

Дрскајцава ме исцеди! Ама, опуштено… Што сакав да кажам? Е тоа де, гдомците пак се појавија на наша голема радост. Посилни и побогати од било кога. Побогати духовно, мислам. Само ми фалат нивните трибини на кои ни зборуваа за патриотизмот. Не смеат да нѐ лишат од тоа задоволство. Оти ние сме народ со паметење ко златна рипка. Две секунди и толку! Сѐ забораваме! И странски тајни служби и предавници и патриотизам! Само парите остануваат. На сметка или материјализирани во недвижен имот. Ете, затоа лекциите за патриотизмот мора постојано да се повторуваат, оти повторувањето е мајка на знаењето! Тоа е… Го сакам ГДОМ, сакам и сто илјади евра, ама помила ми е вистината! И више расол не пијам!

Пишува : Сашо Тасевски