Зошто СГС е доминантна агенција во бизнисот со обезбедување на имот и лица?

0
2001

Самото споменување на термините „јавни набавки“, „тендер“, „електронско јавно наддавање“, неизбежно асоцира на две работи: на пари и на „матни“ работи.

Последниот оглас на ЈП „Нискоградба“ од Битола за ангажирање на двајца чувари од агенција за обезбедување, е најдобра потврда за кажаното, пишува РеволуционерМК.

Имено, во огласот објавен на веб страната на Бирото за јавни набавки, еден од клучните критериуми за добивање на тендерот е заинтересираните фирми да достават доказ дека имаат минимум 250 вработени кои поседуваат легитимации за обезбедување!?

Кога е во прашање бизнисот со обезбедувањето, дури и на најголемите лаици им е познато како стојат работите во нашата држава на тој план. За недоволно упатените следува кратко објаснување.

Агенцијата за обезбедување „Секјурити Груп Сервисис“ (СГС) на домашниот пазар е присутна 5 години. За овој краток период СГС стана доминантна во бизнисот со обезбедувањето, потиснувајќи ги зад себе сите останати фирми со долгогодишна традиција и искуство. Долг е списокот на институции и објекти за чија безбедност се грижат вработените во СГС: ЕВН, средните училишта во Скопје, објекти од „Скопје 2014“, Клиниката за гинекологија, министерства, јавни претпријатија… Посебно е интересно тоа што во најголемиот број од добиените тендери, СГС се јавува како единствен понудувач.

Како еден од најкарактеристичните примери за начинот на кој СГС речиси редовно ги добива најатрактивните договори за јавни набавки, е тендерот кој на почетокот на 2014 година го распиша Јавното претпријатие за државни патишта кој бараше агенција за обезбедување на наплатните станици.

Foto-1-1-768x308

Проценетата вредност на договорот со времетраење од 12 месеци, без ДДВ, изнесувал 12.000.000,00 денари. Покрај останатите услови, ЈП за државни патишта од заинтересираните економски оператори барал да достават доказ дека ги исполнуваат следните услови:

  • во редовен работен однос да имаат најмалку 500 извршители со валидни лиценци за обезбедување;
  • најмалку 300 службени легитимации издадени од комора за обезбедување на имот и лица на РМ;
  • да поседува и користи најмалку 30 патролни возила;
  • 80 парчиња огнострелно оружје;
  • 200 преносни комуникациски уреди.

После едни вакви услови сосема логично е да се постави прашањето, колку домашни фирми во државава на платен список имаат 500 редовно вработени лица? Или, постои ли агенција за обезбедување, освен се разбира фамозната СГС, која поседува 200 преносни комуникациски уреди, 30 патролни возила и 80 парчиња оружје?

Притоа не треба да заборавиме да споменеме дека освен наведените услови, од заинтересираниот економски оператор (читај: агенцијата за обезбедување) се барало да достави доказ дека во последните 3 години остварил приход од 100.000.000,00 денари, односно 1.600.000 евра!

Foto-2-1-768x222

Како потврда на фактот дека, барем кога станува збор за СГС, претходно наведениот случај на добивање тендер со дискутабилни услови не е исклучок туку правило, ќе го споменеме и огласот на ЈП „Стрежево“- Битола за ангажирање агенција која ќе го обезбедува битолскиот базен „Довлеџик“.

Дел од критериумите кои требало да ги исполнува потенцијалниот понудувач, а кои сосема „случајно“ се речиси идентични како и оние од претходниот оглас, биле:

  • да има 400 извршители во редовен работен однос;
  • да располага со 250 службени легитимации издадени од комора за обезбедување на имот и лица;
  • да поседува 20 патролни и 5 теренски возила не постари од 3 години;
  • да има најмалку 40 парчиња оружје и 100 преносни комуникациски уреди во негова сопственост.

„Што треба да обезбедува агенцијата, базен или нуклеарна централа? Зошто на огласот едноставно не напишат како се вика агенцијата која треба да го добие бизнисот?“, прашуваат познавачите на (очигледно) финансиски добро исплатливиот бизнис со обезбедување.

За да нема дилеми: „Секјурити Груп Сервисис“ (СГС) беше агенцијата која победи на погоре споменатите огласи за јавни набавки.

Иако официјално никогаш не е потврдено, се смета дека главната причина што СГС го презеде бизнисот со обезбедувањето, е што зад сеприсутната фирма стои поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Впрочем, во една од опозициските „бомби“ беа обелоденети аудио снимки за кои опозицијата тврдеше оти се најдобар доказ дека сопственик на СГС е братучедот на Никола Груевски, Сашо Мијалков.

Извор: РеволуционерМК