Ременски: Ќе поднесам жалба пред Вишиот управен суд, Управниот се вмеша во надлежност на ДИК

0
1362

Министерката за труд и социјала Фросина Ташевска Ременски реагираше по информацијата за суспендирање на решенијата за разрешување на директори на центрите за социјални работи.

Нејзината реакција ја пренесуваме во продолжение:

„1. Управниот суд донесе времена мерка за 10 решенија за разрешување на директори на јавни установи и решенија за назначување на вршители на должност директори на јавни установи. До донесување на правосилната пресуда на Управниот суд министерот не презема правни дејствија по решенијата, што значи дека ниту ги укинува решенијата за разрешување, ниту ги укинува решенијата за назначување на вршители на должност директори, но то не значи дека разрешените директори се враќаат на своите работни места, а решенијата за в.д директорите не важат.

2. За законитоста на решенијата за разрешување на директорите на јавните установи од социјална заштита во втор степен одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и во работни односи од втор степен и Основниот суд Скопје во соодветна постапка како право на разрешениот, но не и како право на трето лице (Диме Спасов) и надлежност на Управниот суд.

3. Управниот суд одлучува исклучиво за правото на дополнителниот заменик министер (член 46, став 3 од Законот за Владата на РМ), да ги потпишува актите и документите што ги донесува министерот поврзано со кадровски, правни и финансиски прашања поврзани со организација на избори, но не е надлежен за оценување на законитоста на решенијата за разрешување. Со донесување на овие решенија Управниот суд се вмешал во надлежноста по закон на Државната изборна комисија. Оттука, манипулативни се наводите во текстот дека Управниот суд ги ставил вон сила незаконитите решенија.

4. Дополнително, Управниот суд неосновано ги прифатил тужбите од Диме Спасов и неговото барање за времени мерки, од причина што се пуштил во оценување за прашања за кои согласно со Законот за Владата на РМ не е надлежен, а тоа се прашањата поврзани со организација на изборите. Државната изборна комисија е единствено надлежен орган кој согласно со Законот за Владата на РМ одлучува кои кадровски, правни и финансиски прашања се прашања од организација на изборите.

5. Со неподнесувањето на барање/вето од страна на Диме Спасов за овие прашања пред ДИК тој не ги исполнил законските предуслови да поднесе тужба за спорење на административните процедури во врска со правото од члан 46, став 3 од Законот за Влада, а Управниот суд без должно образложение за донесувањето на времената мерка не навел ниту едно штетно дејствие што би го трпел Диме Спасов како дополнителен заменик министер.

6. Управниот суд направил суштинска повреда на правото на тужениот, бидејќи на 20.01.2016 година ги донел решенијата за времена мерка, а на истиот датум ги доставил тужбите до тужениот на кој спротивно на член 29 од Законот за управните спорови му дал рок да одговори за три дена. Ова постапување на Управниот суд е спорно и од политички и од правен аспект: 1. без право на одговор на тужба донел необразложени решенија за времена мерка, и 2. одлучил на ден-два дена по изборот на Владата на РМ на 18.01. 2016 година, односно ден пред преземањето на должноста министер за труд и социјална политика од страна на тужениот на 21.01.2016 година.

7. Ќе го искористам правото на жалба пред Вишиот управен суд по решенијата на Управниот суд во кои горенаведеното ќе биде основ за укинување на решенијата за времени мерки на Управниот суд и отфрлање на основаноста на тужбата на Диме Спасов, кој се обидува неговото незаконско постапување по член 103, став 6 од Законот за социјална заштита, да го прикрие со управен спор за административни процедури. Со спорење на административните процедури не може да ја избегне одговорноста за непостапувањето по Закон кога за тоа имал должост и можност.“