Заев: Во моментов нема услови за фер избори

0
867

Доаѓањето на комесарот Хан поврзано со точката од Пржино, нов премиер на 15-ти, е задоцнетo. Тоа требаше да се случи вчера, ако се сакаше изборите да бидат на 24 април, вели за Бирн, Зоран Заев. Тој очекува и ВМРО-ДПМНЕ да го предаде својот дел од прислушуваните материјали за кои тврди дека власта ги поседува. Уверува дека СДСМ не влетала во стапица со „Фабриката за афери“.

„Доаѓањето на комесарот Хан поврзано со точката од Пржино, нов премиер на 15-ти, е задоцнетo. Зошто? Не може Груевски на 15 јануари да даде оставка и истиот ден да се избере нов премиер, тоа се веќе очигледно пробиени рокови. Сепак, од огромна помош е доаѓањето на Хан и очекуваме да се допрецизираат термините за дореализација на задачите од Пржино“ вели Заев коментирајќи ја дипломатската офанзива неделава за почитување на роковите за преземените обврски.

Заев потенцира дека за СДСМ е најважно 100 дена пред изборите да има нов претседател на Владата.

„Јас и вие како медиум, а и целата македонска јавност знае дека не се создадени услови да имаме фер и демократски избори“, вели лидерот на социјалдемократите.

Не се исполнети сите точки од договорот

Според него не се исполнети сите точки од договорот од Пржино, меѓу кои најважни се проверката на избирачкиот список и регулацијата на медиумите.

„И најголемите лаици знаат дека со милион и 800.000 гласачи, колку што брои последниот избирачки список, Македонија не може да оди на избори. Ние сме помалку од милион и 600.000 жители, малолетни се некаде околу 400.000, а имаме фиктивни лични карти и дупликат гласачи. Тоа мора да биде прочистено.“

Регулацијата на медиумите, вели Заев, е точка од договорот која има директно влијание врз изборите.