ЕДЕН НУЛА ЗА ПРЕМИЕРОТ – ЗАЕВ : ИДЕНТИТЕТОТ НЕМА ДА ГО ИЗГУБИМЕ, ИЗГУБЕН Е САМО МИЦКОСКИ, АКО ГО НАЈДЕ НЕКОЈ НЕКА ГО ВРАТИ

0
410

Премиерот Зоран Заев реагира на обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека македонскиот идентитет е изгубен и дека утре во Софија македонската делегација ќе ги прифати барањата од Бугарија, со кои се негираат јазикот, идентитетот и историјата на Македонија. Според него, најверојатно, изгубен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

„Имаше и обвинувања дека преку преспанскиот договор ќе го изгубиме идентитетот. Ќе прашам јавно, зарем може изгубен идентитет повторно да го изгубиме. Тој ниту бил изгубен ниту ќе се изгуби. Изгубен е, најверојатно, господинот Мицкоски и ако некој го пронајде, нека го врати во ВМРО-ДПМНЕ, ама не верувам дека и таму ќе биде од помош“, рече Заев.

Претходно, Мицкоски обвини дека Заев, Бучковски, Османи и Димитров утре во Софија ќе ги прифатат барањата на Бугарија, со кои се негираат јазикот, идентитетот и историјата на Македонија.

„Овој квартет, кој државава ја чини многу скапо, ќе отпатува во Софија, каде што се спремни да дадат бел лист хартија, кој бугарските политичари треба да го натоварат со барања, исти онакви какви што се содржани во бугарската декларација со која се негираат јазикот, идентитетот и историјата на Македонија. Овој квартет предводен од Зоран Заев ќе го прифати сето ова што подоцна треба да се реализира со исчекување на новата влада во Бугарија“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.

Според него, загрозени се националните и државните интереси, а Заев им дава подарок на Бугарите што многу скапо ќе ја чини нашата држава.

„Апелирам на внимателност на македонскиот народ, свесно и будно да не дозволиме ново предавство на квартетот Заев, Бучковски, Османи и Димитров“, напиша Мицкоски.