Селските финти на Грујо

0
1164

Груевски постојано глуми некаква ведета и принцеза, како мало девојче во балетанки што се вртка пред огледалото во дневната соба, кај која, како на поклонение, треба сите да одат за, наводно, да го молат да му попушти на СДСМ, „за доброто на Македонија!“… Бре, бре, бре!

Не знам дали ова само мене ми се случува, но мојот домашен тоалет развива некои неконтролирани однесувања, некој условен рефлекс врз што јас немам никакво влијание: кога и да се појави Големиот Народен Лидер на телевизија да одржи некаков драматичен говор во уште едно легендарно обраќање до народот, казанчето на ВЦ-шољата во мојот тоалет самото се активира! Брррр-дрррр-шљааас… кло-кло-кло! Можеби е тоа резултат на драмолетките кои го опкружуваат секое појавување на Големиот Народен Лидер, па на казанчево му попуштија гумичките и, од возбуда, не може да додржи вода; а можеби е и затоа што на пловката во казанчето ѝ се јавуваат некои киселини и некоја мачнина, ѝ доаѓа да ждригне од гадење или да прдне од притисок во водоводните црева, бидејќи веќе нема настап на некогашниот прочуен македонски премиер, а да не излаже барем за некоја важна работа…

Ја разви, Големиот Народен Лидер, таа навика да подлажува, со тек на време ја извежба. Пред неколку години лажучкаше по малце, на ситно, како и секој политичар. Сега веќе лаже многу и редовно, директно, во камера, како да му е конгенијална (другарска, де), вродена навика. Видете му ги последните десетина обраќања: од жолтите комбиња и странските служби, преку условите за сопствената оставка и датумите за избори, до наводните гаранции што ги добил од странците за да ги прекине преговорите од Пржино и да оди на гласање во јуни. Сега веќе и дијафрагмата ја има извежбано, кога лаже не мора ни воздух да земе, некако лаже многу поприродно, течно. Расте во вистински врвен мецосопран на лажгата, ем провинцијален, ем од светски маштап!

Но, и моето ВЦ-казанче веќе го прочита. Не почнал човекот уште ни асолно да лаже на телевизија, а ова: Брррр-дрррр-шљааас… кло-кло-кло! Овој како лаже, се плашам дома, кога-тогаш, поплава ќе ми предизвика.

ЛИДЕРОТ ВО БАЛЕТАНКИ

Значи, има ли нешто ново што се случи во онаа ноќ? Нема ништо ново: Барселона, очекувано, си го тепа Арсенал со два-нула во гости; а Груевски, очекувано, загуби со три-нула дома, излегувајќи и повторно признавајќи дека, по којзнае кој пат, ги излажал и своите поддржувачи и целата македонска јавност. Тоа што унилатерално, со ДУИ, си го решија пред некоја недела во врска со изборите, сега мораа да го излижат (пригодно, во ситни саати, на полноќ!), бидејќи заврши времето кога сами решаваа за политиката во Македонија. Избори на 24 април ќе нема.

Како што стојат работите, ќе нема ни на 5 јуни, ако не се фатат сериозно да го спроведат Договорот од Пржино. Груевски постојано глуми некаква ведета и принцеза, како мало девојче во балетанки што се вртка пред огледалото во дневната соба, кај која, како на поклонение, треба сите да одат за, наводно, да го молат да му попушти на СДСМ, „за доброто на Македонија!“… Сирот, на оној Тотален Ноубади што го ставија да биде премиер, му наредиле да си замине минатата недела во Пехчево, за да можат дополнително да го навредат американскиот амбасадор со тоа што нема да го примат евро-американското писмено мислење за тоа дека во земјата не постојат услови за фер и демократски избори. Груевски се надева дека со селски финти – се извинувам на овдешните селани кои поседуваат вековна итар-пејовска интелигенција, ама овој нашиов Голем Народен Лидер мора да е тој исклучок што го потврдува правилото – значи, мисли дека со селски финти ќе ги „порази“ нашите најголеми сојузници и најголемите светски економски и воени сили? Додека тој отворено ги понижува странските дипломати, неговите пропагандни перјаници, кај кого Груевски е редовен медиумски гостин, повикуваат на повторно палење на американската амбасада во Скопје – и мислат дека тоа, на некој чудесен начин, ќе заврши добро по нив?!

ФАБРИЧКА ГРЕШКА

Кога го гледам нашето судство и мизеријата на духот и моралот во кое тоа се наоѓа, некако ми станува јасно зошто Македонија е станата самостојна, национална држава дури кон половината на минатиот век, а не педесетина или сто години пред тоа. Таа желба да се слугува, да се биде покорен роб на една ненародна власт, дури тоа да се прави со ентузијазам и бесрамие како што тоа го прават бројни наши денешни судии, тоа мора да е дел од вековен менталитет на еден народ, на мојот народ, македонскиот. Колку евтина распродажба на националниот дигнитет, каква имитација на сувереност, национално лицемерие од епски размери! Ние сме на добар пат – море, на одличен пат! – да ја загубиме државноста, и тоа по сопствена, национална заслуга. Нација која зависи од дипломатските рефлекси и твитовите на неколку добронамерни странски амбасадори и посредници, а не од стаменоста на нејзините институции, не треба да се надева дека ќе успее да ја сочува својата држава.

Македонија, секако, ќе продолжи да постои. Но, нашето судство не пропушта ден да ни покаже дека изборите нема да го решат нашиот голем проблем. Всушност, би било погрешно да се мисли дека само судиите се со „фабричка грешка“ во менталитетот – не се ништо подобри ни новинарите, лекарите, пензионерите, банкарите, тутунарите, наставниците, готвачите и адвокатите. За претседателот, на пример, ни уста не ми се отвора. И, некако, сé повеќе мислам дека овие наши недугави политичари – а, сегашнава екипа од ВМРО се, секако, најдобрите во таа смисла што од 1903-та до сега сме ги имале на раскошно располагање – никако не разбираат дека еден од суштинските проблеми е, веројатно, во системот и квалитетот на македонското образование. Во тој систем, едноставно, не создаваме доволен квантитет на критички умови – резултатот секогаш е 5 наспрема 4, како при гласањето на последната одлука на Уставниот суд – кои ќе израснат во луѓе со морален и умствен интегритет доволен за да се спротивстават на какво било дивеење на политичарите.

ТЕШКА МЕХАНИЗАЦИЈА

Организираниот државен проект за уништување на националната супстанца низ школскиот систем доживува процут за времето на владеењето на овој Груевски: во моментов, во Македонија работат 22-23 правни факултети (точната бројка можеби никој и не ја знае), а Уставниот суд тукушто ни покажа дека проблемот со нашето судство, најверојатно, најдобро би се решил со активирање на тешка механизација. Еве, Груевски се подготвува за отворање на уште два нови универзитети, покрај постоечките 17 (со букви: седумнаесет!), за понатамошно успешно расточување на супстанцата на нацијата.

Немојте, само, да кажете дека ова не е заговор, добро осмислен и изведен со наши пари! Бидејќи власта сé уште нема храброст тоа отворено да го изговори, предлагам новиот државен универзитет во Скопје – не „Мајка Тереза“, туку оној другиот – да го крстиме со името на Ванчо Михајлов, за да ја скратиме целата приказна и да се поштедиме од понатамошна мака. Па, кога ќе дојде денот да го враќаме номиналното достоинство на македонските улици, плоштади и институции – а ќе треба да се почне со враќање на името на улицата „Железничка“, бездруго – тогаш ќе се зафатиме и со темелно оправање на нашиот образовен систем. Можеби, за почеток, треба да отвориме илегален универзитет во некое од скопските предградија, да ги поканиме експертите од Мала Речица да нé подучат како се прави тоа, па да почнеме со реформата на образованието без да чекаме државата сосема да го уништи капацитетот за опстојување на нацијата.

Оти, инаку, не казанчето во моето ВЦ, туку ни браната на Козјак да попушти нема да може да нé испере од срамот што сме дозволиле една група на обични, но добро организирани измамници да ни ја уништат државата.

Брррр-дрррр-шљааас… кло-кло-кло!

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во Слободен печат)