Да, Никола, родителите обично ги подржуваат своите деца

0
1041

Да, Никола, родителите обично ги подржуваат своите деца.

Тоа е така од век и веков. Обично зад нив стојата нивните двајца родители, а некогаш само таткото или само мајката, сеедно. Тоа е природен порив кој најчесто е добар предуслов за успех на децата, како што впрочем знаеш и ти самиот. Нормално е родителите да ги подржуваат децата кога се сигурни дека се борат и прават нешто добро и големо.

kire-naumov1

Но, неретко е сосема нормално да им помагаат и да бараат помош од своите пријатели кога и децата знаат да згрешат. Како што знаеш, така е на пример кога некое дете носи нешто недозволено преку граница и полициските кучиња тоа ќе го откријат. Секое дете заслужува од својот родител пред се помош да добие втора шанса, за пред се да извлече поука од тоа.

Но, ќе се вратиме на децата подоле. И самиот знаеш дека тука не се работи за математика. Јас сум ја засакал и ми оди математиката, барем онаа економската, и воопшто не мислам дека мене или некој сличен, тоа го прави супериорен. Ти не си бил никогаш по математиката а доказ ми беше покрај другото онаа емисија во која тешко ти одеше кумулативното пресметување на БДП. Ама тоа не те спречува 10 години да царуваш на свој начин со оваа држава. Математиката не се научува во средно, Никола. Ден денес им се поклонувам до земја на мојата учителка Радмила Трпевска и наставникот Рогановиќ од О.У. Иван Горан Ковачиќ (Петар Поп Арсов) кои цела моја генерација ја натераа да ја сакаат и да ја научат математиката. Потоа се е само тренинг односно вежбање. Никогаш неможеш да научиш математика па макар сите години во средно го учиш само тоа, доколку во основно немаш такви учители како моите и некои слични. Затоа, доколку си искрен околу математиката, зајакот лежи во основното училиште, и никаде на друго место.

Затоа е сосема јасно дека екстерното и задолжителната математика имаат друга цел. Како и со многу други твои потези Никола, целта е да го уништиш духот на овие млади генерации. За да не се расфламе со цитати од книги да земем нешто од сценаријата на филмовите. Се надевам си го гледал „Мирисот на жената„. Во еден монолог, Ал Пачино во улога на слепиот генерал кој го застапува обвинетиот ученик чии родители не се во можност да „застанат позади своето дете„ вели парафразирано: Сум се изнагледал млади луќе кои во војните го изгубиле својот вид, слух или им биле ампутирани раце или нозе. Но не постои пострашна слика кога ќе видиш млади луѓе на кои им е ампутиран нивниот дух.

Не, Никола. Тоа нема да дозволам да му го направиш на моето дете. Ќе стојам зад него и неговите другари и другарки се додека сами не одлучат подруго. Дури и ако остане последен, и сам, и реши да не се повлекува, и тогаш ќе го подржувам. Слободно може да повторува и да изгуби една година ако самиот така одлучи. Па и цела наша генерација ( како и ти) изгубивме една година служејќи го војниот рок во ЈНА па ништо не ни фали. (Впрочем, човеку, со тебе изгубивме цели десет години). Една година – па тоа е најмалата цена која што може да ја плати а за возврат да остане со бунтовнички дух. Овие млади луѓе дури треба да бидат среќни дека така рано ќе научат дека бунтот и борбата за своите права имаат цена. Дека противењето против било која сила и неправда, мора да те чини. Дргиот пат е полтронство, лигавење, коленичење кое на краток рок на многумина им се исплаќа, ама е тоа нивен избор. Сега на овие деца изборот им е подруг и знам дека тоа те боли. А треба да се радуваш Никола. Треба да се радуваш затоа што ако не го ампутираш овој бунтовнички дух, истите овие деца утре ќе се бунтуваат против било која власт и ќе те штитат тебе доколку некој ти врши неправда.

Затоа Никола, договори се и прифати ги нивните барања и остави ги на мира. А ние? Ние се гледаме на 17 ти. Ти затворен во своите 4 ѕида во владата и во 40 те прстени на обезбедување и специјалци, а ние на улица. Ќе биде мирно и само ќе побараме да ти помогнеме остатокот од убавите години да ги поминеш посветувајќи се на семејството и пред се на своите деца.

Кире Наумов – Фејсбук статус