(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ, овојпат, без еуфорија го дочека распуштањето на Собранието

0
1079

По вчерашното распуштање на Собранието, недостигаше големата еуфорија кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, кои, за разлика од вчера, по одлуката за распуштање на Собранието на 6 април славеа по улиците, а прослава имаше и во партиското седиште.

Исто така, тогаш спикерот на Собранието на седницата на која не присуствуваа пратениците на опозицијата, по одлуката за распуштање на Собранието, доби громогласен аплауз од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Симпатизерите на владејачката партија прославуваа, свирејќи од автомобилите по улиците и веејќи знамиња.

Општина Центар наредниот ден поднесе пријава против ВМРО-ДПМНЕ поради нарушување на јавниот ред и мир со гласната прослава за распуштањето на Собранието, во седиштето на партијата.

Од Општината тогаш соопштија дека голем број граѓани, жители на Центар, пријавиле дека се вознемирени од бучавата и од гласната музика што доаѓала од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Надлежните од општинскиот сектор за инспекциски работи излегоа веднаш на терен и констатираа дека во периодот од 23 до 23.50 часот е нарушен јавниот ред и мир. Констатирана е бучава над дозволеното ниво, за што постои видео- и аудиодокументација. Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ претходно, во Општина Центар, не најави одржување на некаков настан. Секторот за инспекциски работи во Општина Центар поднесе пријава до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за нарушување на јавниот ред и мир“, соопштија тогаш од Општина Центар.

Откако на 6 април го распушти Собранието, Вељаноски го потпиша и решението за распишување на предвремените избори кои требаше да се одржат на 5 јуни, но изборите се одложија, по што лидерите на четирите политички партии се договорија новиот датум за избори да биде 11 декември.

По вчерашното распуштање на Собранието, за кое овојпат гласаа сите политички партии, по улиците и пред седиштата на партиите беше мирно и немаше еуфорична славеничка атмосфера.

Извор: Мета