Бранимир Јовановиќ во одбрана на Тевдовски : Мислев дека „метлата“ ќе ги фати оние кои местеа милионски тендери

0
1412

Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ, кој му беше советник на Драган Тевдовски во Министерството за финансии, застана во одбрана на поранешниот соработник чија министерска функција ќе ја презеде премиерот Зоран Заев. Јовановиќ оценува дека Тевдовски работел вредно и чесно. Според него, неговата смена е неправедна во ситуација кога „метлата“ не ги опфатила оние што работеа за личен интерес или пак ништо не работеа.

„Кога ме праша дали сакам да му бидам советник, му кажав дека не сме, ни тој, ни јас, за овдешната политика. Неговиот одговор беше дека можеби сум во право, ама дека сепак имаме должност да пробаме да ги смениме работите. Постојано кажуваше дека сака да биде како министерот за финансии во Данска – да не се наметнува многу во јавноста, ама системот да функционира. Мислам дека успеа во тоа. За жал, далеку сме ние од Данска. Кај нас, ако ти не се наметнуваш, некој корумпиран хоштаплер ќе се наметне, и ќе работи против тебе. Не знаев за сменава кога јас се повлеков, и воопшто не ја очекував. Мислев дека “метлата” требаше да ги фати оние кои работеа за личен интерес наместо за јавниот, оние кои местеа милионски тендери, оние кои трошеа државни пари а ништо не работеа… Можеби има нешта кои не ги знам во целава работа, ама едно знам. Ако државава ги менува оние кои работат чесно и вредно, кои прават реформи, кои се жртвуваат за општото добро, никогаш нема да ја биде“, напиша тој на фејсбук.