МИЦКОСКИ ГИ ОБЈАВИ НОСИТЕЛИТЕ НА ЛИСТИ ЗА ПРЕТСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ

0
248

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги објавија носителите на листи за престојните парламентарни избори, а останува непознат само уште носителот на листата за петтата изборна единица. Партискиот претседател Христијан Мицкоски ќе биде носител во првата изборна единица, а како што потврди денеска, во втората изборна единица прв на листата ќе биде потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во третата Драган Ковачки, во четвртата потпретседателот Александар Николовски, додека во шестата изборна единица Дафина Стојановска.

Мицкоски најави оти очекува набргу да се финализираат листите за пратеници за изборите на 8 мај.

„Според планот на активностите, околу 31 март е предвиден ден за промоција на листите за пратеници. 30 март е денот кога официјално ќе се потпише коалицискиот договор, така што во рамките на овие две-три недели ќе биде се познато“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Освен прашањето за ЕУ и за тоа како земјата ќе го продолжи европскиот пат, Мицкоски вели дека за време на изборната кампања ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ќе бидат насочени „кон нудење решениј и политики кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните“.