ФРОДЕМ: Зошто Груевски досега не ги открил фалсификаторите на личните карти?

0
945

Како тоа толку „способен“ политичар дозволил изборни фалсификати и не се обидел истите да ги открие навреме, го прашува ФРОДЕМ премиерот Никола Груевски.

„Бидејќи Груевски ја повика меѓународната заедница одблиску да го следи процесот, добро би било ова прашање, претставниците на истата таа заедница, директно нему да му гo постават.

За да не ни се случуваат нелегални избори, како што велат од ФРОДЕМ, сега можеби спроведени од спорно избрани членови на ДИК, оваа партија, како што вели, навреме ја повикува Силвана Бонева во јавноста да ја презентира својата диплома како неопходен услов за потврда за нејзиниот законит избор.

„Груевски е фрапиран од тоа што го слушнал за фалсификуваните лични карти!? Ако премиерот е изненаден што да кажеме сите ние преостанатите, обични смртници? Како премиерот Груевски, кој победи на девет по ред изборни циклуси, може да си дозволи да е изненаден и фрапиран од толку големо фалсификување? Дали, всушност, имал многу лоша комуникација со поранешната министерка за внатрешни, па дури откако таа си даде оставка почнаа да се разоткриваат волку битни работи? Дали тоа консеквентно значи дека изборите на кои тој победил во определена мера се нелегални. Дали, ако е сето ова така, а гледаме дека Груевски веќе им честиташе на своите професионалци во МВР и обвинителството, тој де јуре е нелегално избран премиер. Сепак, и покрај силната честитка, акцијата заврши со нејасно финале“, се наведува во соопштението на ФРОДЕМ.

Оттаму посетуваат дека Обвинителството не ги притвори осомничените и покрај најавите од функционерите на ДПМНЕ дека е најдена широка палета фалсификувани документи за идентитет. Исти машини како во откриената афера за печатење лажни пасоши минатата година биле откриени и вчера при претресот во тајните работилници за печатење на лични карти во Скопје.

„Се прашува ли премиерот како тоа неговиот јавен обвинител не презел законски неопходни мерки за притвор на осомничените за волку сериозни откриени докази и официјални обвинувања. Или пак и понатаму глуми дека е изненаден и фрапиран“, прашува ФРОДЕМ и го повикува Груевски уште денеска да си даде оставка.