Пратениците го изгласаа Законот за јавнообвинителска служба на Јанева

0
1071

Со 75 гласа „за“ пратениците во Собранието попладнево го донесоа Законот за измена и дополнување на Законот за јавнобвинителска служба, што го бараше специјалната обвинителка Катица Јанева, пренесува „Мета“.

Измените беа разгледувани во итна постапка. За два часа ја поминаа расправата на пленарна седница, а потоа и второто читање во собраниските комисии.

Со овие измени во постоечката регулатива во членот 4 се додава нова глава за Јавнообвинителска служба во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите.

Со новите одредби специјалната јавна обвинителка ќе има надлежност да одлучува за лицата кои ќе бидат вработени и како ќе бидат распоредени. Според измените, за вработувањето во ова обвинителство не се користи Методологијата според која се планираат вработувањата во институциите на јавниот сектор.

Јанева со акт за систематизација ќе ги утврдува описот на звањата и бројот на јавнообвинителски службеници. Обвинителката ќе одлучува за сите прашања кои се однесуваат на работниот однос на јавнообвинителските сужбеници и лицата вработени во ова јавно обвинителство кои вршат технички и помошни работи.

Измените и дополнувањата на Закононот ги достави Владата по скратена постапка на предлог на Министерството за правда, а по барање на специјалната јавна обвинителка.

Пратениците денеска го изгласаа и предлогот на Владата за зголемување на платите на судиите и обвинителите за 35 отсто.

Извор: Мета