Спасовски : Ќе инсталираме соларни панели вредни 3,5 милиони денари во полицискиот центар на МВР “Ѓорче Петров”

0
772

Продолжуваме со подобрување на условите за работа на полицијата, се грижиме за животната средина.

Денеска го посетив полицискиот центар „Ѓорче Петров“ каде деновиве ќе започне монтажа на соларни системи за греење вода на сите објекти каде што се сместени припадниците на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО).

Изминативе 3 години во МВР воспоставивме системски континуитет на дејствување, кој првично беше фокусиран на решавање на фундаменталните проблеми за успешно функционирање на полицијата.

На стратешко ниво, реформата на безбедносниот систем не беше прашање на избор, туку прашање на опстанок, силно изразена волја на јавноста за конечно да се воспостават норми и концепт кои ќе бидат и гаранција за да ги етаблираме принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата.

Овој проект на МВР, со вредност околу 3,5 милиони денари, е во насока и на една од владините цели – трансформација на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливите извори на енергија и подобрување на енергетската ефикасност, со што се овозможуваат поголеми заштеди, намалени емисии на штетни гасови, заштита на животната средина и постапно менување на енергетскиот профил на државата, за да бидеме подготвени за идните предизвици и години.