Интервју на Зоран Заев за Доказ: СДСМ и Демократска Македонија ќе победат на изборите!

0
1029

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за порталот Доказ одговара на повеќе прашања од актуелните случувања на политичката сцена во Македонија, во продолжение прочитајте дел од интервјуто .

  1. 1. Господине Заев, во оваа каламутница од ситуации наметнати од десетгодишното владеење на режимот на Никола Груевски многу што стана пракса, едно од тие е медиумите бесрамно да заземаат политичка страна, ете и ние не бегаме од тоа дека сме подржувач на вашата политичка провиненција, но не значи дека ќе ве штедиме со прашањата. Почнуваме со економска тема, кога ќе дојдете на власт и сега сте градоначалник па сте засегнати, финасиската децантрализација кога ќе се случи? И колкава, во колкав обем? Ми се чини дека во Програмата ја немате спомнато.

-Благодарам, таа доберба и поддршка што ја чувствувам од граѓаните во оваа битка за конечна нормализација на државата ми дава дополнителна сила и силна увереност дека овој пат заедно ќе успееме да си ги вратиме слободата, демократијата и вредностите што ќе обезбедат подобар живот за сите во нашата земја. Политичарите не смеат да бидат поштедувани од прашањата што се од интерес на јавноста, затоа што не е добро ни за самите нив, ниту за граѓаните. Видовме сите дека режимската контрола што ја воспостави Никола Груевски во најголем дел од медиумите, на крајот нему му се удри од глава. Тој изгуби контакт со реалноста, почна да верува во виртуелен свет што не постои измислувајки ги секојдневно лагите што ги сервира. Сега кога излезе на површина целиот криминално-корупциски начин на опстојување на неговата власт, гледа јавноста деновиве, тој бега како од оган. Шилото на вистината е на површината и назад веќе нема. Медиумите под негова контрола, лажејки ја јавноста го залажуваа и Груевски и му направија контра услуга. Да му беа поставувани границите со време, можеби немаше толку далеку самиот да забега во расипничкиот начин на владеење, за којшто еве дојде моментот на вистинскиот отчет. Јас, како што видoвте изминатиот период, не бегам од ниту едно прашање на ниту еден медиум и тоа е принципот на работа на СДСМ, транспарентно и отчетно работење и сега и кога ќе ја добиеме честа и одговорноста да ја предводиме новата Влада, што очекувам да се случи на фер и демократски избори. Така што, поставете какви било прашања што мислите дека се во интерес на јавноста.

Во врска со првото прашање, напротив, во Програмата имаме предвидено цел еден посебен дел посветен на функционирањето на локалната самоуправа. Бидејки од голема важност за граѓаните е да можат да добиваат брзи и квалитетни услуги во нивните места на живеење. Тоа ќе им заштеди и време и пари и ќе придонесе кон поспокоен живот. Не само што ќе има реална финансиска децентрализација, туку граѓаните во вистинска смисла на зборот ќе ги почувствуваат благодетите од децентрализацијата. Точно, јас сум и градоначалник на најуспешната општина во Република Македонија, Струмица и тоа во услови на нула поддршка од централната власт. Така што многу добро ми се познати проблемите со коишто се соочуваат и општините во своето функционирање и граѓаните.

Ќе ја укинеме праксата на оваа централна власт којашто незаконски дава пари само на општините во коишто градоначалниците се од нивните редови. Тоа е безобразно и несовесно кон граѓаните на другите оштетени општини, кои се исто така даночни обврзници и го полнат државниот Буџет.

Наша цел е финансиско зајакнување на општините. Значително да се зголемат приходите од ДДВ за општините, приходите од персонален данок на доход, приходите од закуп на земјоделско земјиште. Имаме во Програмата предвидено колку точно процентуално тоа е можно да се реализира.

Ќе обезбедиме правична и транспарентна распределба на јавните финансии, на капиталните и блок-дотациите. Владата и Заедницата на единици на локалната самоуправа заедно ќе ги утврдат потребните трансфери од Буџетот на Република Македонија кон општините.

Тоа што тука сакам да го нагласам е нашата заложба за вистински рамномерен регионален развој. Целта ни е да обезбедиме повеќе финансиски средства за помалите и сиромашни општини коишто сега, според реални показатели, имаат мали даночни примања што не одгооватаат на нивните финансиски потреби.

Што е нашата цел – граѓаните во општините во коишто живеат, без разлика дали се работи за село или за град, да можат да добијат таму најголем дел од потребните услуги: образование, здравство, административни услуги.

Така се можни општини по волја на граѓаните, со буџети што ќе можат самите да ги остваруваат, ќе помага и централната власт, а предвидуваме и кофинансирање. Ќе видат граѓаните што значи практичен и спокоен живот во своето место на живеење.

  1. Дали ќе го покачите ДДВто како во Хрватска и Грција за да се справиме со кризата и пустошотшто ни го остава Никола Груевски?

-Власта на Никола Груевски ги ограби граѓаните, ги остави буквално без егзистенција, за свои интереси, тендери, бизниси, провизии, милионски парцели на Водно, рајски фирми. Груевски и неговите соработници го направија пустошот и тие ќе ги вратат тие пари. Парите што им ги одзедоа на граѓаните ќе им ги вратат! Сериозен сум кога велам дека ќе поставиме бројчаник над Триумфалната капија, што ќе одбројува како ќе се враќаат назад украдените пари од народот.

А што се однесува до даноците, ќе воведеме праведен даночен и социјален систем. Тоа значи повисок данок за најбогатите и намалување на даноците за сиромашните. Сегашниот рамен данок е во корист на малата богаташка група на власт што ја запоседна Македонија. Богатите плаќаат данок од 10 проценти и сиромашните, кои живеат со по 40 денари на ден плаќаат исто 10 проценти. Тоа е нефер. Богатите има да плаќаат повисок данок. Тие пари ќе одат во подобрување на јавните услуги за сите граѓани. Ќе воведеме и праведност во плаќањето на некои јавни услуги што ќе зависи исто од висината на доходот на корисниците. Кога ќе ги застанеме на нозе граѓаните и семејствата, кога финансиски ќе ги стабилизираме, економски ќе зајакне и државата. Само со економски стабилни граѓани е можна економски стабилна држава. Затоа, не, нема да дозволиме поради расипничкото криминално-корупциско владеење на фамилијата да настрадаат осиромашените граѓани.

  1. Гледаме интензивни средби со албански политички фактори, дали таква коалиција веќе е договорена, во прв ред со струшкиот градоначалник Села, како политичар со потежок бекграунд? И какви се тука интересите, дали само за да има таква коалиција СДСМ ќе даде стратешки министерства на албанските партнери?

-Знаете, отворено соопштив дека СДСМ е отворена за сите политички субјекти, поединци, организации кои гледаат какво зло и се случува на државата и се подготвени да помогнат во овој важен процес за иднината на Македонија. Интересот е само еден, Република Македонија. Нема никакви пазарења, ниту ќе има. Искрено тргнавме по овој пат на враќање на земјата на нормален колосек и може да се придружи секој чиј намери се искрени. Проектот Вистината за Македонија, историскиот протест на 17 мај лани, Кампот на слободата, испратија порака дека не е важна националната, верската различност, припадности по какви било други основи, ако си ја сакаме државата и сакаме подобар живот за сите. Во Македонија мултиетничкото општетство веќе функционира, граѓаните тоа го знаат и драго ми е што гледам дека повеќе не поминуваат лажните националистички политики на раздор и поделби на коалициските партнери Груевски и Ахмети. Стратешки е интересот, Македонија – едно општетство за сите, демократска и економски стабилна земја, членка на ЕУ и НАТО. Секој кој се пронаоѓа во овие цели е добредојден за соработка. Досега нема договорен коалициски настап со политички субјекти, што не значи дека нема да има. Разговорите ги водиме транспарентно, пред очите на јавноста којашто навреме ќе биде информирана.

  1. Да ве вратам наназад, зошто СДСМ не направи предизборна коалиција со Села на претходните локални избори,туку со ВМРОДПМНЕ се боревте против Села?

-И во претходните изборни циклуси и сега, за СДСМ клучни се целите кон коишто се стремиме. Република Македонија повеќе од кога било има потреба од сите кои и мислат добро, без разлика на политичка, идеолошка, или друга определеност. Подавам рака до секој добронамерен, да ги надминеме личните, тесно-партиски или други интереси и да си ја спасиме државата. Тоа е наша должност како граѓани на Република Македонија.

  1. Дали Зоран Заев планира да ги собере старите кадри, знаеме дека низ СДСМ се изредиле над 100министри, дали тие луѓе се со Заев, и се разбира Бранко Црвенковски, вечната тема, ќе застане ли во некој предизборен спот за да го повика членството на сплотеност, единство до победа?

-Контактирам, отворен сум, за сите, членови, симпатизери, поддржувачи на СДСМ, поранешни носители на јавни функции, со кои работиме во интерес на граѓаните и на Република Македонија. Со поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски сме во контакт кога има потреба од тоа и кога времето дозволува. Како што реков, секој е добредојден да помогне во враќањето на слободата и демократијата во Македонија.

Целото интервју на лидерот на СДСМ, Зоран Заев можете да го прочитате на Доказ.мк