Адвокатот Рауфи: СЈО е запознаено со предметот „Монструм“ и тоа до детали

0
957

Специјалното обвинителство почнало предистражна постапка за случајот „Монструм“, пишува порталот Сведок, повикувајќи се на извори од обвинителството. Предметот според пишувањата бил предаден на обвинителот Трајче Пеливанов , кој веќе ги сослушал тврдењата на дел од роднините на обвинетите во „Монструм“.

Дел од адвокатите кои ги контактираше 24 Вести потврдуваат дека семејствата на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро, биле повикани на средба во Специјалното обвинителство. Од одбраната не откриваат дали им биле презентирани докази или други аудио-материјали од прислушуваните разговори, но потврдуваат дека надлежниот обвинител од тимот на Катица Јанева имал прецизни информации и бил добро запознаен со случајот.

– Колку што ми е мене познато, Специјалното јавно обвинителство е ангажирано и тоа енергично кон овој случај, бидејќи средбата која што ја имавме ми дава до заклучок дека СЈО е запознаено и тоа до детали со овој предмет – вели адвокатот Насер Рауфи.


GALENA MONSTRUM VO SPECIJALNO OBVINITELSTVO 07 02 by 24vesti

Од Специјалното обвинителство засега не откриваат дали и официјално го презеле предметот, откако адвокатите на обвинетите уште пред неколку месеци доставија барање случајот да премине во рацете на Катица Јанева.

Во меѓувреме адвокатите поднеле жалба до Врховниот суд, откако скопска Апелација ја потврди пресудата за доживотен затвор за обвинетите.

– Предметот за случајот Монструм се уште е во Апелациониот суд кој како второстепен суд кој треба да ја предаде жалбата до Врховниот суд – вели адвокатот Насер Рауфи.

Агим и Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Фејзи Азири, Сами Љута и Хаки Азири се шестмина осудени на доживотна робија за кривично дело тероризам. Обвинети се дека тие го извршиле петкратното убиство на Велигден во април 2012 година. Двете страни беа незадоволни од пресудата. Семејствата на убиените момчиња реагираа дека не се докрај откриени сите детали за убиството. Изразија сомнеж дека биле вмешани високи функционери чии имиња се кријат , а кои според нивните тврдења ги имало и во опозициските „бомби“ , за кои лидерот на СДСМ Заев неколку пати спомена дека поседува материјали поврзани и со овој случај, кој сега според тврдењата е предаден со целокупниот материјал во рацете на Специјалното обвинителство.