Хан и Могерини со честитки: ЕУ силно го поддржува договорот

0
89

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, и комесарот за пристапни преговори, Јоханес Хан, ги честитаа усвоените уставни измени за примена на преспанскиот договор со Грција, а кои ја вклучуваат промената на името во Република Северна Македонија.

„Му честитаме на парламентот на изгласувањето на уставните измени. Тоа е важен чекор во имплементацијата на историскиот преспански договор“, се наведува во реакцијата на Могерини и Хан.

Двајцата високи претставници на ЕУ оценуваат дека македонските политички лидери и граѓани покажале одлучност да ја искористат единствената и историска можност за решавање еден од најстарите проблеми во регионот и одлучно да тргнат на патот кон ЕУ.

„ЕУ силно го поддржува овој договор, кој е пример за помирувањето во регионот и цела Европа“, истакнаа Могерини и Хан.

Нагласија дека се во исчекување на целосна примена на преспанскиот договор постигнат помеѓу Атина и Скопје за идното име на Македонија.