САШО ОРДАНОВСКИ: Овој Заев е чуден човек, ич не го разбирам како да не е од Македонија!

0
4507

Националистите и во Бугарија и во Македонија се најдоа затечени од развојот на настаните во соседските политики на двете земји. Двата прагматични балкански политички булдожери, Борисов и Заев, толку многу и толку брзо ги поместуваат границите на односите меѓу двете држави и народи (sic!), што ни попитомиве националисти, а не пак нивните шовинистички изданоци, не можат да се свестат што им се случува!

Во Македонија, на македонскиве националисти, „бизнисот“ од раце и од пред нос им го зема лидерот на содијалдемократите, кој гради еден уникатен идеолошки конструкт на народњачка социјалдемократска странка, со верски лик! Ем се сите другарки и другари, ем мора да знаат како да се крстат. Па ти оди, сега, фати му го крајот!

Неуморно шета наоколу и се гушка со Бугари, со Срби, со Албанци, а со поповиве и по образи се целива, како да е главниот толкувач на Светата Тајна Евхаристија на МПЦ, која е центарот на црковниот живот – Евхаристијата, не МПЦ – без која христијанството ја губи смислата на своето постоење. Баш ме интересира што марифет ќе смисли за Грците, бидејќи тие од својата итрина имаат направено професија, а од својата горделивост, доблест.

И, занимливо, целата работа како сам да ја одработува. Другите напикани по канцеларии и кабинети, не можат ритам да фатат, а можеби и штиклите не им ја газат таа балканска калдрма.

Има нешто ендемско во таа Струмица, ја памтам таа питомост, помешана со тврдоглавост и некаква верска толеранција, уште кај покојниот Борис Трајковски. Кога разговараше, сакаше да чуе што мислиш, а не само – како Киро, на пример – во која политичка „фиока“ да те смести, за подоцнежна манипулација. Некако, тие лутерани, методисти, презбитеријанци и баптисти, сите повеќе или помалку протестанти, први сфатија дека Господ не е против уживањето и профитот и дека животот, ако добро се изработиш, треба да се проживее и на земјата, а не само во рајот. Нема во тоа многу мистика и темјан, повеќе е здрав разум и работа.

Од чушките ли е, од френките ли, важно стрпливо и упорно одат кон целта, со една јужњачка самодоверба како зимата секогаш да ќе биде мека, а летото посвежо од лани.

Ти му викаш дека не е едноставно, да не се залетува и со малку сомнеж да подзасоли; а тој ти вели, другàрче, не се секирај, наредѐна е, ќе ја биде, само малку време ќе земе… Заразен е тој оптимизам. Ако го преживееме.

Сакам да кажам, како што тргнал овој Заев, вмровциве останаа без кауза. И без работа. И без водство. Ним уште судењата нема да им завршат, а Македонија ќе влезе во НАТО и ќе се придружи кон ЕУ. Додека одлежат, можеби ќе распишуваме референдум за излез од Унијата! Да, да, ќе им потрае.

Сашо Ордановски
Извор: Цивил