„Обединетите за фудбалот”, групата која во минатите неколку месеци пишуваше соопштенија со кои бараше промени во Фудбалската федерација на Македонија, денеска го имаше својот прв јавен настап.
На собирот имаше многу познати фудбалски имиња, а Панчев додаде дека и на тие што не биле фудбалери ќе се смета сериозно, секако ако сакаат да работат за доброто на фудбалот.
„Ние тоа што го почнавме ќе го продолжиме. Некој мислеше дека сето ова ќе биде поинтензивно, но ние мислиме дека треба да работиме полека. Можеби има некои луѓе Од Иницијативниот одбор за промени кои некому не му се допаѓаат, можеби јас некому не му се допаѓам. Но ние сме тука поради фактичката ситуација во фудбалот. А таа е лоша и тоа е главната причина за ова“, рече Панчев.
Најдобриот македонски фудбалер во минатиот век рече дека долго размислувал дали да прифати учество во иницијативата.
„Кажав и порано дека долго размислував дали се нафатам. Но, фудбалот е мојот живот, сите го сакаме искрено, а за подобри резултати, потребни се промени. Не го гледам проблемот само репрезентативно, ФФМ не е само за репрезентациите, треба да помага Федерацијата и во нашата лига, зашто имаме два клуба на ниво – Вардар и Шкендија. А тоа не е добро… Допрва има многу работи што ќе ги откриваме, наши идеи, планови, еве видовте како ФФМ ја превзема, да не речам украде нашата идеја за враќањето на големите фудбалските центри во Македонија. Затоа ние ќе продолжиме со работата, и за што побрза промена во ФФМ – рече тој.
извор: Спортмедиа