АЛКАЛОИД СЕ ВКЛУЧУВА ВО БИТКАТА ПРОТИВ ПЛАСТИКАТА

0
355

Пластиката го има најголемиот удел во загадувањето на сите медиуми во животната средина, односно на воздухот, почвата и на водните тела. Глобалното движење PLASTIC FREE JULY се залага за спречување на загадувањето од пластиката, кое е реална закана за животната средина, биодиверзитетот и за човековиот живот.

Во таа насока, „Алкалоид“ АД Скопје, како општествено одговорна компанија која се грижи за здравјето на луѓето и за животната средина, а која повеќе години наназад во своите процеси ги има спроведено селектирањето и рециклирањето на отпадот од пластика, го прифаќа овој предизвик, па месеците јули и август ги назначува како период во кој ќе ги поттикне своите вработени да ја подигнат свеста во однос на нивната улога и на нивниот потенцијал за придонес во намалувањето на загадувањето од пластиката, преку избегнување и преку намалена употреба на пластиката за една употреба во нивниот секојдневен живот.

За таа цел, се посочуваат други алтернативни решенија, како што се употреба на платнени торби, повеќенаменски метален прибор за јадење, на повеќенаменски садови за складирање храна, повеќенаменски керамички и стаклени чаши, како и на шишиња за консумирање пијалаци. Со тоа истовремено се применуваат принципите на циркуларна економија, што е клучен модел за промена на парадигмата во текот на материјалите, кои по нивната употреба, наместо да станат отпад, тие долгорочно се реупотребуваат сѐ до нивното крајно истрошување.