Бугарија се држи до формулацијата од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји во однос на признавањето на македонскиот јазик, каде стои „официјален јазик на Република Северна Македоонија, согласно нејзиниот Устав“, рече во интервју за Сител бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Во однос на прашањето дали ќе ја блокира земјава пред првата меѓувладина конференција пред почетокот на преговорите, Борисов одговори дека комисиите за историски и образовни прашања треба да се состанат и да најдат заемноприфатливи формулации за личностите и настаните кои ги поврзуваат двете земји.
-Тоа што треба да го направиме сега е историските комисии и оние кои се занимаваат со историјата да си ги завршат спорните теми. Ние и на последниот Совет зборувавме за максимална поддршка на Северна Македонија и Албанија, така што… Се е во рацете на Македонците…., рече Борисов.
Тој смета дека на Балканот има многу историја, но, како што рече, историската комисија треба да изготви заемно прифатлив текст. Според него, основниот пристап би требало да биде дека сите значајни ликови во историјата се бореле за, како што рече, да живееме добро и заедно.