Борисов: Бугарија нема поблиска земја од Македонија, сите се бореле да живееме добро и заедно

0
873

Бугарија се држи до формулацијата од Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји во однос на признавањето на македонскиот јазик, каде стои „официјален јазик на Република Северна Македоонија, согласно нејзиниот Устав“, рече во интервју за Сител бугарскиот премиер Бојко Борисов.

– Ние сме државата која прва почна со Договорот за добрососедство што овозможи воопшто и да се зборува за присоединување кон ЕУ на нашите мили браќа и сестри. И второ, направивме апсолутно се за да ги помогнеме, нешто од кое тргна процесот со Грција – изјави Борисов, додавајќи дека Бугарија нема поблиска земја од Македонија.

Во однос на прашањето дали ќе ја блокира земјава пред првата меѓувладина конференција пред почетокот на преговорите, Борисов одговори дека комисиите за историски и образовни прашања треба да се состанат и да најдат заемноприфатливи формулации за личностите и настаните кои ги поврзуваат двете земји.

-Тоа што треба да го направиме сега е историските комисии и оние кои се занимаваат со историјата да си ги завршат спорните теми. Ние и на последниот Совет зборувавме за максимална поддршка на Северна Македонија и Албанија, така што… Се е во рацете на Македонците…., рече Борисов.

Тој смета дека на Балканот има многу историја, но, како што рече, историската комисија треба да изготви заемно прифатлив текст. Според него, основниот пристап би требало да биде дека сите значајни ликови во историјата се бореле за, како што рече, да живееме добро и заедно.