ЗАБРЗАНА ИМУНИЗАЦИЈА НА НАСЕЛЕНИЕТО, ФИЛИПЧЕ: ЌЕ ВАКЦИНИРАМЕ ПО 7 ДО 10 ИЛЈАДИ ЛИЦА ДНЕВНО

0
851

Во гостувањето во емисијата “Само интервју” на Канал 5, министерот за здравство Венко Филипче рече дека не чувствува одговорност за доцнењето на вакцините затоа што од ноември интензивно се работело на нивна набавка и навремено било пристапено кон сите можни извори за да се обезбедат. Причината за доцнењето ја гледа во недоволното производство за светскиот пазар, огромната побарувачка во САД и со тоа се изјаловиле плановите за Нова година кога и земјите од ЕУ не знаеле дека ќе немаат доволно вакцини за нивното население.

Навремено е пристапено кон сите можни извори за да се обезбедат вакцини, подоцна од очекувањата профункционира и Ковакс механизмот за сите земји во светот. Во директните разговори со некои производители уште од старт не беа заинтересирани за Северна Македонија како мал пазар. Фајзер е контактиран уште на почетокот на ноември, а позитивен сигнал дојде на крајот на декември со нивни специфични барања. Потоа се чекало и сите други производители да завршат со клиничките испитувања.

“Голем проблем е се’ уште со достапноста поради недоволно производство, било каде во светот, освен Србија која е исклучок. Ние направивме буквално се’, сите механизми и сите обиди. Работевме интензивно, со секојдневна комуникација за сите овие месеци” – рече Филипче.

Добро е поставен и функционира системот за вакцинација, постарите од 77 години примаат Астра Зенека (пријавени на оваа возраст се околу 20 илјади), а граѓани од т.н. критична инфраструктура (11 000-12 000) добиваат вакцина Спутник и имунизацијата кај нив ќе заврши следната недела. Како ќе доаѓаат вакцини ќе се става акцент на постарите и ќе се намалува возрасната граница.

Сега се вакцинираат 3000-4000 лица дневно. Планот е 7000-10 000 на ден. Тоа би било добра динамика. Министерот апелираше да се пријават сите на сајтот вакцинација.мк, така системот ќе ги генерира приоритетите по возраст и евентуално со коморбидитети. Битно е да се вакцинираат 60%-70% од населението за да се постигне колективен имунитет. Како ќе се зголемува достапноста на вакцините, ќе се зголемува и опфатот на граѓани што ќе бидат имунизирани

Овој месец се очекуваат и вакцините од директниот договор со Фајзер но и целата количина на вакцините Синофарм од Кина, 200 илјади вакцини во една пратка.