ТУРЦИЈА БАРА ЕКСТРАДИЦИЈА ИЛИ ДЕПОРТАЦИЈА НА 86 ЛИЦА ОД СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ТУРСКИОТ АМБАСАДОР СЕКИЗЌОК: СТРУКТУРИТЕ НА ФЕТУЛАХ ЃУЛЕН ДЕЛУВААТ ПОД ПРЕВЕЗОТ НА ОБРАЗОВНИ ИНСТИТУЦИИ И ТРГОВСКИ ДРУШТВА

0
1149

Турција бара од Северна Македонија да и’ бидат испорачани 86 лица, турски државјани кои се осомничени за поврзаност со движењето на Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за организатор на обидот за државен удар од пред пет години.

“Во изминатите 4 години зголемен е бројот на барањата за депортирање и екстрадиции до властите во земјава. Вкупно за 86 лица се бара депортирање од земјата, за 20 од нив се бара екстрадиција. Сите овие барања се испратени до надлежните во Северна Македонија, но засега не е преземен чекор во оваа насока” – изјави турскиот амбасадор, Хасан Мехмет Секизќок на прес-конференција по повод 15 јули, Денот на демократијата и националното единство на Турција.

Во изминативе 5 години еден од основните приоритети на Турција беше оневозможување на дејствувањето во земјата и во странство на движењето на Ѓулен наречено “Фетулахистичка терористичката организација” – ФЕТО.

“Кога сме кај Северна Македонија, структурите на ФЕТО продолжуваат да бидат присутни во земјава затскриени зад превезот како образовни институции и трговски друштва. Во секоја прилика до надлежните на Северна Македонија ги пренесуваме нашите барања за оневозможување за дејствување на структурите на ФЕТО и депортирање на лицата поврзани со ФЕТО. Ставањето крај на дејностите на структурите на ФЕТО и депортирањето на лицата поврзани со ФЕТО ќе претствуваат конкретни чекори од аспект на билатералната соработка во насока на борбата против тероризмот. Ја користам оваа прилика одново уште еднаш да ги истакнам овие очекувања. Со одлучност ќе продолжат нашите активности во насока на сузбивање на структурите на ФЕТО во странство” – рече амбасадорот Секизќок.