СТРЕСОТ И ПОСТ-КОВИД ПАТОЛОГИЈАТА ЈА ПОЛНАТ КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО БИТОЛА, Д-Р ГАГАЧОВСКА: ЗАЧЕСТЕНИ СЕ АНКСИОЗНИ СОСТОЈБИ, ПАНИЧНИ НАПАДИ, ПСИХОТИЧНИ РАСТРОЈСТВА

0
1403

Периодов се празни Инфективното одделение од корона пациенти, но се полни одделението за психијатрија во Битолската клиничка болница. Стресот од прележаната болест и пост-ковид патологијата ги полнат одделенијата за психијатрија, неврологија и интерното одделение.

“Не мируваат другите болести кои се јавија со ковид пандемијата, со инфектолошка патологија. Подолг период имаме оптовареност на другите одделенија, интерно, невролошко, за жал и на психијатрија. После оваа пандемија очекувано беше да се појават анксиозни состојби, панични напади и слична патологија, која што се јавува како последица од целокупната ситуација, но и пост-ковид состојби од аспект на психотични растројства и акутни дементни состојби” – изјави д-р Билјана Гагачовска, специјалист-психијатар, директорка на Клиничката болница Битола.

Сето ова е последица на непознатото од пандемијата, правилата што моравме да ги следиме, а не ни беа по волја, изолацијата, стравот од смртта и постојаната оптовареност од дневните црни статистики.

“Сето ова беше очекувано и допрва ќе се случува, од аспект на психолошки и психички растројства. Со ваква слика се среќаваат и граѓани кои го прележаа вирусот и оние кои немаа позитивен тест” – рече докторката Гагачовска.

“На инфективното одделение во моментот имаме зголемен број пациенти од онаа патологија која е вообичаена за летниот период, односно гастроентероколитите и недефинирани субфебрилни состојби кои се случуваа со години. Во моментов нема оптоварување во амбулантата за сомнителни и позитивни пациенти на вирусот” – рече д-р Гагачовска.