ПАНДЕМИЈАТА ЌЕ ЈА НАДМИНЕМЕ, ФИЛИПЧЕ: ПОСВЕТЕН СУМ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПОЛИТИКИ И ОСТВАРУВАЊЕ НА ВЕТЕНАТА ПРОГРАМА ПРЕД ГРАЃАНИТЕ

0
708

Потпретседателот на СДСМ и министер за здравство, Венко Филипче во интервју за порталот Нова вели дека како потпретседател останува посветен на здравствените политики и реализација на програмата на партијата во сопствениот ресор кој е столб на државата. Тој посочи дека СДСМ е реформска партија која секогаш гледа напред и се води од интересот на граѓаните. Токму тоа го мотивирало да ја прифати одоговорната партиска позиција.

“Без разлика дали е тоа надворешна политика, крупни проекти како Клинички центар, борба со пандемија, економски мерки за спас на стопанството – СДСМ при креирањето на политиките го има во фокус државниот и граѓанскиот интерес” – вели Филипче.

„Празни политички флоскули и итроштини, дворски игри и неполезни дебати веќе не се на цена кај граѓаните, ниту треба да бидат карактеристики на модерниот политичар. Оттаму, прашањето дали ќе бидам успешен политичар за мене значи дали успешно, совесно и професионално ќе ја работам секоја зададена работна задача. Без разлика дали е тоа министер за здравство, претседател на партиска комисија или пак друга позиција за време на изборите, јас кон сите обврски пристапувам сериозно и се трудам да ги исполнам максимално одговорно. Така и ќе пристапам кон сите идни предизвици во рамки на партискиот ангажман” – истакна Филипче.

Филипче верува дека главна стратешка цел на партијата и новото раководство треба да биде привлекување на квалитетни кадри кои се докажани професионалци во различни полиња бидејќи тоа е основен предуслов за успешно работење на партијата и градење доверба кај граѓаните. Тој истакнува дека мора силно да се вложува и во младината која мора да биде поактивна и организирана.

“Во политиката одамна нема место за импровизација, како со кадар така и со реализација на ветеното пред граѓаните. Политичкиот менаџмент е сериозна работа која бара професионалци и одговорни луѓе на сите позиции кои ќе работат по јасно утврдени стратегии и цели. Нивната работа мора да се следи и соодветно евалуира како целиот систем би функционирал добро, а краен бенефит од тоа би имале граѓаните. Ефикасноста во работењето и реализацијата на ветувањата треба да бидат топ приоритет на партијата” – вели Филипче.