Завршни зборови за „Трезор“: Мијалков договорил набавка за УБК преку „Финзи“, на која краен сопственик е Камчев, ќариле над 400 000 евра!

0
1970

„Наместо Министерството за внатрешни работи (МВР) да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од Буџетот на државата“.

Ова денеска во завршен збор го кажа Обвинителството за предметот „Трезор“. Обвинителот Трајче Пеливанов рече дека обвинетите не само што набавиле поскапа опрема преку фирма посредник, туку, како што кажа пред Судот, „подоцна склучиле и два анекси со што е наплатена значителна разлика во цената од 26 милиони денари, што претставува заработка за Финзи, а дополнително склучиле и договор за обука за користење на опремата остварувајќи корист од 21 милион денари“.

Според Обвинитечството, „правното лице Финзи е основано 2007 година во САД како оф-шор компанија за да се скрие сопственоста, а во 2009 година е основано Финзи ДООЕЛ Скопје, каде како управител е Владислав Стајковиќ, а подоцна и покојниот Коста Крпач, додека краен сопственик е Орце Камчев“.

„Биле склучени уште два анекси на договорот со Финзи при што разликата за набавната и продажната цена изнесувала 26.568.276 денари, штета нанесена на Буџетот на државата, а покрај тоа, со измислување на наводна потреба за непречено и успешно функционирање на опремата склучен е договор помеѓу МВР и Финзи за да се продолжи одржувањето на опремата и за нејзино надградување со намера да се оштети Буџетот и за Финзи да се прибави имотна корист од 21.422.500 денари. Набавката на опремата која не била извршена директно од ГАМА, туку преку дотогаш анонимната фирма Финзи Скопје чиј директор на почетокот бил Владислав Стајковиќ, брат на обвинетиот Небојша Стајковиќ, а подоцна сега починатиот Коста Крпач со краен сопственик Орце Камчев со тогаш во блиски односи со обвинетиот Сашо Мијалков претставува договор за набавка на опрема која е прва голема зделка на Финзи Скопје која и носи заработка од 26.568.276 денари, а подоцна и заработка од 21.422.500 денари за одржување на опремата“, рече обвинителот Пеливанов во завршните зборови пред Судот.

Завршните зборови на одбраната се закажани за 29 март 2021 година.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Извор : Слободна Европа