ЈО ЗА ФЕМИЦИДОТ ВО КОЧАНИ : УБИСТВО НА СВИРЕП НАЧИН И УБИСВО НА ЖЕНА ПРИ ВРШЕЊЕ НА РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО СЕ ИСТОВЕТНИ ВО ПОГЛЕД НА ЗАПРЕТЕНАТА САНКЦИЈА

0
290

Јавно Обвинителство / Фото: МИА

Јавното обвинителство за „Слободен печат“ соопшти детали за тоа двата последни случаи на фемицид – убиствата на две жени во Куманово и убиството на 46-годишната жена во Кочани, откако вчера Министерството за внатрешни работи тврдеше дека во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово се поднесени пет кривични пријави против Д.Ј. кој кон крајот на август ги уби својата сопруга и нејзината мајка.
Од ЈО појаснуваат дека ОЈО Куманово веднаш постапувало во сите пет поднесени кривични пријави за кривично дело – Телесна повреда од член 130 ст.2 од Кривичниот законик.

-Врз основа на првите две пријави, јавните обвинители спроведоа постапки и до Основниот суд Куманово поднесоа обвиненија против лицето за наведеното кривчно дело. Судот во два наврати носеше пресуда – условна осуда, соопшти Обвинителството упатувајќи не понатаму одговори да побараме од надлежниот суд.

Додаваат и дека во следните два наврати кога оштетената го пријавувала, таа во текот на постапката го повлекувала предлогот за кривично гонење, изјавувајќи дека се помирила со обвинетиот, поради што обвинителството немало законски основ да ја продолжи постапката.

-Последната пријава беше исто така навремено процесуирана и беше поднесено обвинение. Од изнесеното, евидентно е дека во секој еден случај на пријава во кој постоеле законски можности за тоа обвинителството инсистирало на кривичен прогон на лицето, наведува ЈО.

Јавното обвинителство смета дека клучно за справување и превенција на семејното насилство е охрабрувањето на жртвите навремено да реагираат и да го пријават семејното насилство, но и да опстојат на волјата за кривичен прогон.
– Тоа е особено важно за делата кои се гонат по приватна тужба или по предлог од оштетениот (на пример, Телесна повреда при вршење семејно насилство), бидејќи согласно Законот за кривичната постапка, кога гонењето за кривично дело зависи од предлогот на оштетениот, јавниот обвинител не може да поведе истражна постапка ниту да поднесе обвинителен предлог или предлог за издавање на казнен налог додека оштетениот не поднесе предлог. Оштетениот и приватниот тужител можат во секој момент со своја изјава до судот пред кој се води постапката да се откажат од предлогот, односно приватната тужба до завршувањето на главната расправа. Во тој случај тие го губат правото повторно да поднесат предлог, односно приватна тужба, нагласува Обвинителството.

Во врска со последното грозоморно убиство во Кочани, од јавното обвинителство нагласуваат дека кај нив нема поднесено кривична пријава за насилство, загрозување или каква било физичка закана од осомничениот кон жртвата.

-Единствената пријава до обвинителството се однесува на кривично дело – уцена, без никакви елементи на физичко загрозување и по таа пријава веднаш е постапено. Се преземаа дејствија, беа обезбедени докази, беше извршен и распит на оштетената, а предметот беше во постапка во моментот кога беше извршено кривичното дело – убиство, соопшти ЈО, а оваа претставка вчера ја спомена и Министерството за внатрешни работи.

Според МВР во ОВР Кочани на 16.05.2023 во 11.30 часот Т.М. пријавила дека подолг период У.Р. , со кого биле во љубовна врска, ја уценувал дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. Од страна на инспектори во НК за КР – ОВР Кочани е постапено по пријавата и на 31.05.2023 до ОЈО Кочани е доставен поднесок – известување, со службен материјал во прилог, а на 05.06.2023 до надлежното Обвинителство е доставено и дополнување на известувањето, со службен материјал во прилог.

Свирепо убиство или фемицид?

Вчера невладините организации за заштита на жените од семејно насилство побараа од Јавното обвинителство осомничениот убиец од Кочани, за кого ОЈО Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство на свиреп начин според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, да го преквалификува делото како фемицид, односно по член 123, став 2а од Кривичниот законик кој се однесува на „лишување од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство“. Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство побара и при одредување на висината на казната да се земат во предвид сите околности, односно Обвинителството да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство.

– Конечната правна квалификација ќе зависи од доказите обезбедени во текот на истрагата. Меѓутоа, како квалификаторни облици, и убиството на свиреп начин и убиство на жена при вршење родово базирано насилство (кое не одговара во целост на правниот термин фемицид), се истоветни во поглед на висината на запретената санкција. Јавното обвинителство секогаш инсистира на повисоки казни за сторителите на кривични дела во смисла на специјална и генерална превенција, меѓутоа казната ја одмерува судот, наведува Обвинителството.

Оттаму додаваат дека и Јавното обвинителство како и МВР постапува неодложно по сите пријави, вклучително и по оние кои се однесуваат на семејно насилство.
-Семејното насилство како феномен, во Кривичниот законик, е соодветно препознаено и санкционирано како квалификаторен облик на повеќе кривични дела, што им дава соодветна можност на јавните обвинители да ги детектираат ваквите предмети и соодветно да ги процесуираат. Доколку во одредени случаи притоа се утврди дека постои опасност од повторување на кривичното дело или од можност за довршување на обидено кривично дело, јавниот обвинител задолжително во тој случај до судот предлага соодветни мерки на обезбедување – притвор или мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување до жртвата во текот на постапката, соопштија од Јавното обвинителство, одговарајќи на новинарските прашања од „Слободен печат“.

Обвинителството стана мета на напади од страна на граѓанските организации како една од клучните институции во ланецот на надлежните кое во рамки на своите надлежности може да делува со издејстување на построги казни за сторителите на семејно насилство и итно постапување во случаите, но санкциите сепак се во надлежност на судовите, но и во извршната и законодавната власт која ги носи законите по кои постапуваат и обвинителствата и судовите и од кои зависат буџетите на судската власт, вклучително и на обвинителството.

Оттаму посочуваат дека еден од поголемите проблеми со кои јавните обвинители се соочуваат во кривичниот прогон на сторителите се и ниските санкции предвидени за дел од кривичните дела поврзани со семејно насилство, што тие брзо се бришат од казнена евиденција дури и по правосилни пресуди, така што не се задржува соодветен траг за казнено поведение на осудениот кој би бил основ за построго санкционирање во иднина.

-Сите овие аспекти треба да бидат дел од една поширока стручна анализа и дебата која би се произнела во поглед на оправданоста за промени во казнената политика за овој тип кривични дела. Зачестеноста на ваквите пријави, од аспект на работата на Јавното обвинителство, е детектирана и во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година, каде во делот на структура за криминалитетот, се анализира и еден сегмент токму посветен на трендот на ваквите предмети, посочува ЈО.

Според споменатиот извештај во 2022 година е забележано зголемување на бројот на кривични пријави и постапки за дела од Глава XIV од КЗ – Кривични дела против животот и телото, каде влегуваат убиства, тешки телесни и телесни повреди, учество во тепачки, загрозување со опасно орудие при тепачка и караница и други, за што причините се многубројни, „но дел повторно се резултат на нарушени социјални и семејни односи за време и по пандемијата. Потврда за тоа е фактот што значителен дел од постапките за убиства и телесни повреди се однесуваат на квалификаторни облици на делата, бидејќи биле сторени при вршење семејно насилство“, стои во Извештајот.
Во 2022 година по овој основ пријавени се вкупно 1.543 лица, во однос на 1.331 претходната 2021 година. Обвинителството поднело обвиненија против 515 лица во 2022 година, а многу повеќе имало претходната – 734 обвиненија. За сторени кривични дела против животот и телото минатата година се донесени 586 оресуди, споредено со 564 во 2021 година, стои во Годишниот извештај на ЈОРСМ за 2022 година, објавени во јули годинава.