ЈОВАН МИТРЕСКИ ОД СДСМ ПОДНЕСЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН СО КОЈ СЕ ЗАБРАНУВА РЕГИСТРАЦИЈА И ПОСТОЕЊЕ НА ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ СО НАЗИВ И СТАТУТ ПОВРЗАНИ СО ФАШИЗАМ И ТРЕТИОТ РАЈХ

0
506

Од отворањето на клубот Цар Борис во Охрид, каде полицијата спречи ескалација на протестите, за кои пак, Владата имаше став дека се провокација на која не смееме да наседнеме (Фото:Ѓ. Личовски)

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески сам поднесе Предлог-закон за изменување на Законот за политички партии, според кој, ни во статутот, ни во називот на партијата, нема да може да се стави име повикување на континуитет на фашизам, нацизам, на Адолф Хитлер, на негови соработници и на личности од третиот рајх.

За законот кој е по брза постапка, очекува поддршка не само од сопартијците и од пратениците од парламентарното мнозинство, туку и од ВМРО-ДПМНЕ и останатите членови на опозицијата.

Според предлогот, во политичка партија во Македонија не може да се регистрира ако со називот предизвикува и: „разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх“.

Ова е новината, бидејќи досега во членот 3 од Законот за политички партии ја имаше само оваа содржина: „Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон:

– насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија;

– поттикнување или повикување на воена агресија и

– разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост“.

Натаму, Митрески истата забрана ја предлага и за статутот на политичките партии.

Следно, подетално предлага да се забрани називот и ознаките на политичката партија да содржат симболи, зборови, кратенки, кои предизвикуваат расна или верска омраза или нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.

„На евентуалните политички партии вакви називи, статути, ознаки и симболи кои се поврзуваат со фашизмот, нацизмот, национал-социјализмот, со третиот рајх, со Хитлер и негови соработници, следбеници и злосторници, со законските измени што ги предложив, оставен ќе им биде рок од три месеци од влегувањето во сила на измените, да го усогласат називот, ознаките, програмата, статутот и целите, со одредбите на овој закон. Со други зборови, да ги отстранат“, вели Митрески.

Во собраниска процедура е предлог – закон поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, кој, овие ограничувања ги има за здруженијата и фондациите.

Македонија како антифашистичка земја немаше волку ригорозни, набројани и нагласени забрани за употреба на нацистички и фашистички имиња, ознаки и симболи, сè додека по 78 години од ослободувањето од фашистичката окупација, во текот на годинава македонски Бугари не формираа здруженија во Битола и во Охрид, чии називи ги носат имињата на Ванчо Михајлов и на Цар Борис, соработници на фашистите и насцистите во Втората светска војна.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Извор : СДК.МК