ЈОВАНОСКИ : НАЈОСТРО ГО ОСУДУВАМ МЕНАЏМЕНТОТ НА СПОРТСКО РЕКРЕАТИВНИОТ ЦЕНТАР,,МАРКОВИ КУЛИ” КОИ ИМ ЗАБРАНИЛЕ НА ГРУПА РОМИ ДА ГО КОРИСТАТ ОТВОРЕНИОТ БАЗЕН

0
835

Со конституирањето на нашата земја како самостојна и суверена држава, се воспостави и зацврсти владеењето на правото, со цел да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот.

Во Уставот на РСМ, недвосмислено е кажано дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Оттаму, како градоначалник на општина Прилеп, но и како граѓанин, најостро го осудувам дискриминаторскиот однос на менаџментот и вработените во спортско-рекреативниот центар „Маркови кули“, кон наши сограѓани од ромската етничка заедница, на кои, според нивното кажување, не им бил дозволен влез на отворениот базен.

Владата на нашата држава и ние како локална власт, безрезервно сме посветени на концептот за градење едно општество за сите. Општество во кое сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите и во кое ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по ниедна основа.

Од тие причини, сите оние на кои им било скратено правото да ги користат услугите на овој или било кој друг спортско-рекреативен објект, институција или организација, ги охрабрувам да поднесат претставки до институциите кои се задолжени за почитување на правата на граѓаните и нивна заштита од дискриминација.

Во таа насока, денеска одржав средба со претставниците на граѓанската иницијатива „Аваја“ и здружението „Станица 5“, кои ги артикулираат и промовираат интересите на Ромите пред сите засегнати страни.

Истовремено, упатувам апел до сите правни и физички лица од нашата општина, до сите граѓани на општина Прилеп, за покажување солидарност, емпатија и почит кон припадниците на сите етнички заедници.

Само обединети и со меѓусебно почитување, без разлика на нашата етничка, верска, расна, полова и друга припадност, ќе изградиме едно општество за сите, кое ќе биде гаранција за подобар живот на сегашните и идните генерации.

Фејсбук статус на градоначалникот на Прилеп,  Илија Јованоски.