-Планираме историја, географија, граѓанско образование и други предмети повторно да се изучуваат како одделни предмети, а не како во моментов да бидат фузирани и да се создава конфузија кај наставниците и учениците кои навистина секојдневно се прашуваат по кој предмет имаат час. Материјата мора јасно да биде разграничена, како што е пракса и во најголем дел од земјите во Европа и пошироко, посочила Јаневска.
На средбата, како што соопшти МОН, се дискутирало и за состојбата со учебниците, особено во основното образование каде недостигаат по голем дел од предметите. Јаневска истакнала дека се прават напори истите да се обезбедат за сите одделенија пред почетокот на новата учебна година, додека за средното образование тоа ќе се случува етапно во следните неколку години бидејќи ситуацијата е навистина катастрофална.
Соговорниците зборувале и за употребата и прoблемите при користењето на постојниот е-дневник, како и за придобивките од новиот кој вчера беше промовиран, а ќе се примени откако сите предуслови ќе бидат исполнети, што се очекува да се случи во текот на следната учебна година.Министерката, како што е наведено во соопштението, посочила дека во овој преоден период од дигитализацијата на образованието, преку е-анкета ќе се слушне мислењето на наставниците за тоа дали во оваа фаза е потребно целосно укинување на хартиениот дневник или пак од корист би било пополнувањето на модифицирана верзија во која ќе се внесуваат само оценки и изостаноци.