И над попот имало поп

0
1173

Груевски веројатно веруваше дека и овој пат само ќе ја натера опозицијата да се врати во Собранието со наведната глава и дека потоа се’ ќе си остане по старо. На крајот е задоволен само со тоа што сигурно ќе има избори на 24 април.

Минуваа денови и месеци во кои постојано слушавме дека е голема грешка со диктатор да се преговара. Се зборуваше дека „тој би бил луд да прифати преку договор да си замине од власт и дека како ’човек расипан до срж кој чувствува дека е во прашање неговата кожа‘ ќе најде начини ништо од тоа на што се согласил, да не се исполни“. А пред тоа се веруваше дека и нема на ништо да се согласи. Но се согласи.

„Големиот“ и непопустлив Груевски организираше „трибина“ во салата „Борис Трајковски“ на 15 март оваа година, кога штотуку почнаа да се објавуваат дел од прислушуваните разговори во рамките на опозицискиот проект „Вистината за Македонија“. Тогаш, разуздан и силен, Груевски во долг говор за време на кој во првиот ред стоеја гордо исправени Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, па и Иво Ивановски и многу други истакнати функционери порачуваше: „Не е ова митинг за избори, туку трибина на ВМРО-ДПМНЕ. Нека не се плаши опозицијата. Избори нема да има! Но ќе има сериозен одговор од народот“.

Груевски правеше мајтап со барањето на Заев за техничка влада и викаше на цел глас: „ За се’ друго може да разговараме, но не и за техничка влада. Барањето за таква влада е можно и остварливо, но само без ВМРО-ДПМНЕ“. Нема преодна влада и нема нов јавен обвинител, ветуваше Груевски. Неколку дена потоа на прес-конференции Груевски тврдеше дека не гледа потреба од каква било реконструкција на неговата влада, ниту пак за промена на некој министер бидејќи сите, покрај се’ што граѓаните слушаа за нив од објавените разговори и што мислат едни за други, извонредно си ја извршувале работата. А тоа дека е можно избори да организира влада во која тој нема да биде премиер веројатно не му ни паѓаше на памет.

Груевски веројатно веруваше дека и овој пат само ќе ја натера опозицијата да се врати во Собранието со наведната глава, ќе успее да го спречи натамошното објавување на прислушуваните разговори меѓу него и неговата тајфа кои го урнисаа митот за неговата чесност, работливост и за способноста да победува на чесни избори и дека потоа се’ ќе си остане по старо. Веројатно и Илија Димовски го убедуваше дека оценките на САД и на ЕУ за нив и натаму ќе имаат вредност на тоалет хартија и ништо повеќе. Груевски, секако, направи се’ што беше во негова можност тоа да се случи и ги употреби и употребува сите трикови да зачува дел од моќта која му овозможува да победува на сите избори досега. Но, сепак, нешто се промени.

Само шест месеци по оние драматични трибини од кои на Заев му се закануваше со суд и со жесток одговор на народот и кога ветуваше дека ќе нема ниту избори, ниту техничка влада, нити смена на обвинителот, Груевски излегува на прес-конференција и изјавува: „Јас сум многу задоволен. Нашата стратешка цел е остварена. Ќе има предвремени избори (и прекинување на мојот мандат, м.з.) и ние успеавме да го бетонираме датумот за тие избори кои ќе се одржат на 24 април“.

Ќе има и преодна влада и тоа со ВМРО-ДПМНЕ во неа. Но нема да биде баш техничка, како што скромно бараше опозицијата и со независни експерти во некои од владините ресори. Таа, вели Груевски, ќе биде еден вид влада на широка коалиција во која не влезе само ДПА, а Министерството за полиција и Министерството за труд ќе го водат високи функционери на СДСМ.

Што се однесува до смената на јавниот обвинител, Груевски веќе може гордо да соопшти дека опозицијата во тоа не успеала. Зврлевски му останува во мираз. Груевски прифатил само формирање на специјално јавно обвинителство, кое ќе се занимава само со индициите за направен криминал кои произлегуваат од прислушуваните разговори што тој ги водел со неговите министри и најблиски соработници, а во кои се споменуваат големи пари земени како провизија и големи злоупотреби на власта.

И на крајот, Груевски е задоволен од тоа што ќе мора да поднесе оставка на функцијата само на 100 дена пред изборите а не веднаш, како што прават политичарите во нормални земји кога ќе бидат фатени на дело во криминал. Веројатно и тоа ќе го истолкува како патриотски чин, како што ги истолкува оставките на Јанкулоска, на Мијалков и на Јанакиески.

По сето ова не би било ништо чудно, како што ќе забележи Јове Кекеновски, Груевски да побара од Катица Јанева да биде, ако е можно, заштитен сведок и самиот да раскаже кој колку крадел и што правел во време на овој негов долг мандат. Тоа дури може да го истолкува како доблестен чин, патриотски гест и да побара промена на неговиот идентитет и мирен живот во некоја далечна дестинација.

Сега Груевски нуди кооперативност. По бламажата од страна на Зврлевски и Советот за јавни обвинители, одеднаш стана јасно дека Катица Јанева била во право, дека таа обвинителката од организиран криминал што работела на случајот „Пуч“, всушност, не работела на него, а Зврлевски веројатно нема да поднесе такво барање откако „сериозно ја изанализирал ситуацијата“.

Се’ на се’, изгледа и над попот имало поп. Но сето тоа се’ уште не е гаранција дека ќе имаме слободни и фер избори.

Пишува : Ѓорѓи Спасов, универзитетски професор и екс министер во влада на СДСМ

Целата колумна може да ја прочитате ОВДЕ