ШОКАНТЕН АНТИ ПАТРИОТСКИ ПОТЕГ НА МИЦКОВСКИ: ЖЕСТОКО ГИ НАПАДНА ТРОЈЦАТА ЕВРО ПРАТЕНИЦИ КОИ ЖЕСТОКО ЈА БРАНЕА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПРОТИВ БУГАРИЈА ВО ЕВРО ПАРЛАМЕНТОТ!

0
1951

Тонино Пицула и Тања Фајон заедно со уште двајца европратеници пред три недели поднесоа амандман во Европскиот парламент со кои се осудува бугарската политика кон Македонија, а сега Христијан Мицкоски вели дека Јанша му рекол оти тие и Заев заедно цртале нови граници на Балканот. Прилично кратковидо

Политиката и партиските врски често знаат да бидат кратковиди и погрешни. Така, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Канал 5 изјави дека разговарал со словенечкиот премиер Јанез Јанша околу загадочниот нон-пејпер, неговиот „побратим“ од сестринската партија во ЕПП му рекол дека „Тања Фајон, Тонино Пицула и Зоран Заев креирале сличен таков нон-пејпер кој што се шири по Европа“.

Мицкоски е близок политички сојузник на Јанша и тука нема ништо спорно. Всушност, Јанша остана најблискиот сојузник на ВМРО-ДПМНЕ во Европската народна партија откако партискиот ментор, Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, сам ја напушти европската десничарска групација. Но едно вакво обвинување, па макар пренесено преку зборовите на словенечкиот премиер, многу повеќе им штети на македонските интереси во Европската унија отколку што може да Мицкоски да му донесе поен или два.

Пред три недели македонската јавност со големо внимание ги следеше настаните во Брисел каде Европскиот парламент требаше да гласа за извештајот за Македонија. Тогаш сите македонски медиуми пренесоа дека неколку дена пред гласањето четворица европратеници од социјалистите и зелените поднесоа два амандмани со кои се осудуваше политиката на Бугарија и блокадата на македонските европски аспирации. Тонино Пицула и Тања Фајон беа двигатели во оваа четворка за поднесувањето на амандамните. Другите двајца беа Андреас Шидер од Австрија и Марек Белка од Полска.

Во првиот амандман стоеше: „Се осудуваат неодамнешните провокативни изјави на претставници на бугарската влада за историски прашања што ја засегаат Северна Македонија, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се повикуваат бугарските власти да се воздржат од такви изјави и покрај изборната кампања што е во тек во Бугарија“. Со вториот се поздравуваше „зрелиот и избалансиран одговор на владините претставници на Северна Македонија на овие провокации“.

Овие два амандмани најпосле не поминаа, пред сѐ поради тоа што против нив беа европратениците од Европската народна партија, каде членки се и ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Јанез Јанша. Тогаш, бугарскиот европаретеник Андреј Ковачев од партијата ГЕРБ, исто така членка на ЕПП, задоволно изјави за бугарските медиуми: „Го спречивме најлошото. Мислам дека беше голем успех затоа што успеавме да мобилизираме толку голема поддршка за ова гласање“.

Во дебатата за извештаите за земјите од Западен Балкан, Тања Фајон оцени дека бугарското вето за преговорите со Северна Македонија е неодговорно. Таа порача дека едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во ЕУ.

„Бугарија треба да го повлече своето вето, затоа што кризата што ќе ја предизвика бугарското вето ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот“, рече Фајон.

Споменувањето на Тања Фајон од страна на Јанша е чисто од внатрешни политички побуди. Од неодамна таа е претседателка на главната опозициска партија во Словенија, Социјалдемократи, а владата на Јанша е на клацкалица – во овој момент нема мнозинство во парламентот, а ни опозицијата нема доволно пратеници за да ја урне. Па затоа, преку пријателот во Македонија, Мицкоски, добро е да се оцрни европратеничката со три мандати во ЕП.

Тања Фајон е известувач на Европскиот парламент за Србија, а Хрватот Тонино Пицула за Црна Гора. Пицула е член на опозициската Социјалдемократска партија во Хрватска и еден од нејзините најистакнати политичари. Едно време беше и министер за надворешни работи. Сега Јанша преку Мицкоски треба да го оцрни и него за преку тоа некаква корист да има друга влада, онаа на Андреј Пленковиќ во Хрватска, чија партија е исто така член на ЕПП.

А сосем добро би било во тоа друштво да се најде уште еден левичар од регионот, Зоран Заев. Ако е точно тоа што Мицкоски вели дека му го рекол Јанша, тогаш работата добива прилично посериозни размери. Во таа ситуација еден премиер (кој од 1 јули треба да претседава со ЕУ и да организира самит на Унијата со Западен Балкан), го обвинува претседателот на владата на една мала земја дека тој со уште двајца левичарски компањони ќе ги прекројувал границите во регионот, а прит тоа Љубљана да се залага Македонија да влезе во ЕУ. Несериозно е и само може да ги наруши односите на голема доверба меѓу двете земји. А Мицкоски одбира да биде гласник на тие обвинувања само заради внатрешните потреби на Јанша и уште повеќе – поради неговиот драматично нарушен имиџ во ЕУ како еден од последните „трамписти“ во Унијата и силните притисоци врз медиумите во Словенија.

Пицула во изјава за Телевизија 24 денеска беше огорчен: „Целосно ги отфрлам и осудувам обвинувањата и лагите на г. Мицкоски и сметам дека неговото однесување е многу навредливо. Секогаш бев и ќе останам силен поддржувач на територијалниот интегритет и суверенитет на сите земји од Западен Балкан. Нема да дозволам господин Мицкоски да ме вовлече во неговата валкана игра. Но, мора да се каже, ова е во согласност со претходните обиди на ВМРО да се обиде да ја нападне социјалистичката влада на Зоран Заев и нејзините европски сојузници. Ова оди заедно со поддршката на нивните сојузници во Будимпешта, каде нивниот лидер Груевски избега од кривично гонење и во другите истомисленици во главните градови“.

Кратковида политика. Наместо сите во Македонија да се обидуваат да ја градат пошироката поддршка во Брисел за европските перспективи на нашата земја, опозицискиот лидер поради личните партиски интереси ги нападна оние кои секогаш беа на македонска страна во Европскиот парламент. А особено при гласањето за последниот извештај на ЕП.

ИЗВОР: НЕЗАВИСЕН ВЕСНИК