ЧЕТИРИЕСЕТИНА ГРАЃАНИ НА КАРПОШ СО ДВОЧАСОВНА БЛОКАДА НА БУЛЕВАРОТ ,,ТЕОДОСИЈ ГОЛОГАНОВ” ПОБАРАА ДА СЕ ДОНЕСЕ ДЕТАЛНИОТ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН (ДУП), ИМ ГИ СРУШИЛЕ КУЌИТЕ, СТАНОВИ УШТЕ НЕМА

0
521

Четириесетина граѓани на Карпош со двочасовна блокада на булеварот „Теодосиј Гологанов“ побараа да се донесе Деталниот урбанистички план (ДУП). Велат дека повеќе од пет години живеат под кирија бидејќи куќите им се срушени од инвеститор кој на нивните имоти требало да гради згради. Целиот процес застанал откако поранешните градоначалници Богоев и Шилегов го укинале ДУП-от од 2016 година и оттогаш не е донесен нов.

Горан Ѓоргиевски, станар на Тафталиџе2 за НоваТв вели дека куќата му била срушена пред година и шест месеци и покрај тоа што се уште немало одобрение за градба на зграда. Му било ветено дека наскоро ќе му бидат доделени станови, но и после седум години тоа не се случило.

„Во 2016 година потпишавме договор и дојдовме до фаза до пред градење, но во тоа време имаше избори и функцијата ја презема Стефан Богоев. Беше поништен ДУП-от, а околу нашиот простор се изградија многу згради на местото каде што беше празен простор. ДУП-от беше прекинат со изговор дека не бил на огласна табла. Иако беше најавено дека ќе се донесе нов ДУП за 4 месеци, не се донесе ни во наредните 4 години“, вели Ѓоргиевски.

Како што вели тој проблемот не е во инвеститорот, туку во Општината. Срушена била и неговата нова куќа, а сега живее под кирија чекајќи подобро утре.

„Во меѓувреме во 2013 година со жалби и поплаки се договоривме да започне процедурата. Од Министерство за транспорт и врски велеа дека се е во ред, но кога поднесувавме во Општина имаше проблем. Изговорот беше дека треба да се изгради пат, и цело време топката се префрлуваше. Дојдовме до фаза каде инвеститорот доби одобрение за подготвителни работи. Не чекајќи да се одобри целата административна процедура, пред да има одобрение за градба се премина во фаза на рушење на куќите. Срушена беше и мојата нова куќа. Сега 17 семејства живееме под кирија, а излез не гледаме никаде“, дополнува Ѓоргиевски.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски вели дека граѓаните од него имаат поддршка, но тој не може да го реши проблемот затоа што ДУП-от треба да помине во совет на Општина Карпош. Според него советниците преку урбанистичките планови се пресметувале со него.

„Порано не беше вообичаено плановите да се решаваат со советниците, сега на работни средби понудувам повеќе варијанти, јас ги прашувам нив како да им помогнеме на луѓето они молчат. Тие преку плановите се пресметуваат со мене, но во тоа не успеваат. Така страдате вие, не јас. Јас барам да ми дадат автентично толкување од парламент. Не е работата предлогот да се донесе на седница, да не се изгласа и да пропадне. Има советници за кои Општината е тастатурата пред нив и не ги интересираат вашите маки“, изјави Стевчо Јакимовски на средбата со засегнатите граѓани.