ФРЧКО ВОДИ ЉУТА ВОЈНА СО БОГАТИТЕ ВО ЗЕМЈАВА : За волот и за килото месо!

0
2444

Драг Колега Титус,  можам да разберам дека имате банка или сте акционер во некоја и сосема можам да прифатам дека е незгодно да ви се намалат дивидендите и да пробате да поживеете од пензија како сиот нормален свет, а не и од дивиденди плус или барем не од толку многу дивиденди плус. Тоа е ок кога интересот е јасен, но немојте да се „гаѓате“ со право, па посебно не со загарантирани уставни права.

Имено, не постои посебна заштита на странските инвестиции и капитал и приватна сопственост на странци (чл. 31 дава можност странец да има сопственост под услови утврдени со закон и ништо повеќе). Постои само заштита на правото на сопственост  чл.30 ) и подразбрано, сите права изведени од него. И толку и тоа е стандард на уставна заштита. Дополнително тоа право не е апсолутно, имено, спаѓа во оние кои можат да се ограничат во воена и вонредна состојба. Постојат права кои не можат да се ограничат ниту во ваквите состојби, како што е правото на живот, апсолутната забрана на тортура и сл. недерогативни права, но правото на сопственост не спаѓа во нив.

Значи, да расчистиме елементарна ствар, во вонредна состојба правото на сопственост може да се ограничи во мерка и обем кој ќе процени „суверенот“ во овој случај владата, со уредба со законска сила  и при тоа го зема предвид ставот два од чл. 30 кој вели дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот И НА ЗАЕДНИЦАТА.

Дали ќе се стори тоа, од кого и во каков обем, е предмет на политичка опортуност за кој одлучува владата, која зависи и од своите идеолошки ставови во вакви проценки и секако од проценката како да се отсрани пандемијата или причините за вонредната состојба.

Банките се финансискии центри на моќ во Македонија кои делуваат со потполно отсуство на социјална одговорност во ситуација на ретка историска криза која ја напна целокупната економија и население до граници на сериозна рецесија и социјална експлозија после или во тек на пандемијата со корона кризата. Тие, своите профити ги заработуваат тука од ова исто население, во редовна состојба, на кое сега му кажуваат дека „не се социјални установи и дека каматите се цена на парите“ па није моѓуче да је то тако?

Делуваат како цркви во пустина, каква метафора употребив, со ароганција и осорност која им ја дава веројатната тесна врска со сите политички олигархии, но сега тоа не нè интересира. Тие се симбол на таа првобитна акумулација на моќ и капитал која во транзициските економии посебно се истакнува со својата бескрупулозност, супер профитност во околности на сеопшто страдање, а во кризава со елементи на танатополитика!

Затоа се бавиме со нив како таков симбол!

Од друга страна за левичарските влади и социјалдемократите чии идеолошки определби за балансирање на либералната со дистрибутивна правда и создавање на општество на еднаквост и солидарност во услови на либерална демократија – центрите на финансиска моќ кои ја деформираат политиката на солидарност, делиберација и дистрибутивна правда до граници на „болка“ се проблем на политичка моќ и можностите на водењето на политиката, а  не решение за финансиските теченија во земјата. На пример кога големите маси социјалдемократски гласачи ќе се соочат со принудата  да ги платат „одложените кредити сосе пресметаните камати во нив“ на крајот од кризава и кога ќе се соочат со фактот дека нема пари да го сторат тоа, ќе сметаат дека нивните социјалдемократски првенци не ги заштитиле долж кризата во која тие останале без работа не по нивна вина!  За кој период владата не нашла пари да им плати дел од платите и кога не работеле или биле болни. А левичарска влада има должност да најде решение и да обезбеди пари за овие луѓе бидејќи нивните животи се важни и бидејќи солидарноста со нив е нивен политички програм (СДСМ сиц?).

Драг Колега Титус, предлагате се и сешто само да избегнете расправа за бескрупулозноста на центрите на финасиска моќ (некои од нашите банки остваруваат профит далеку поголем од нивните „мајки банки“) затоа што имаат политичка моќ на уцена која ја наплатуваат во статус на недопирливост .Тоа нив не им припаѓа и тоа е проблем за левичарска влада и тоа голем проблем!

Предлагате реформа на даноците, конфискација на имот на милионерите??? Де, де, не претерувајте сега расправаме за „килото месо“ како велите кое, треба да се земе од банките за што требало да се „заколе цел вол“  (загрозување на статусот на недопирливост на финасискиот капитал). Тоа е добро бидејќи сте на терен на целисходноста, а не муљате со правото како покритие. Значи ми се чини социјално одговорно од владата да им земе со уредба со законска сила дел од (30%) годишниот профит на банките и да ги пренамени тие пари во фондовите за борба против пандемијата и помош до социјално загрозените од неа работници. Дополнително да ги принуди за кредити со минимална камата. Начинот е возможен и нема да се бавам со детали, но резултатот е значаен од два аспекта: тоа се 30-тина милиони евра и дополнителни битни олеснувачки финансиски помоши за опустошеното население по кризата и долж неа кои се набавени од домашни извори и средување на политичките баланси на моќ и одговорност меѓу една левичарска влада и финансиските центри на моќ .Значи ова ‘’кило мевце’’ владата ќе си го земе оправдано и правично, а „волот’“, како велите, ќе преживее секако и ќе си шета и зоба – профитира и понатаму во државава непречено (кај ќе оди, кај глава ке крши и кај нашол подобро од ваква ливада ко нашава политика)  драг мој колега Титус – социјалистус ама малку и капиталистус!

Љубомир Д. Фрчкоски