ФРЧКОСКИ ЗА ПРОФЕСОР ЃОРЃИ МАРЈАНОВИЌ : ЛИБЕРАЛНОТО И СЛОБОДНО МИСЛЕЊЕ КАКО ОСНОВА НА СЕКОЈА НАУКА, ИСТОВРЕМЕНО ЕДНА ОД НАЈИМПРЕСИВНИТЕ КАРИЕРИ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

0
870

Ѓорѓи Марјановиќ: либералното и слободно мислење како основа на секоја наука, истовремено една од најимпресивните кариери на Правниот Факултет на Универзитетот Кирил и Методиј.

Со професорот Ѓорѓи Марјановиќ се запознав на вистинскиот начин чинам, полагајќи кај него Кривично право, општ дел. Јас го знаев предметот учејќи го до детал и во учење од тој вид секогаш ви се појавува ликот на професорот пред кој ќе полагате, никогаш учењето не е безлично. Бев некако подготвен за него и беше добро, беше мошне добро. Ја добив една од најчистите десетки, расправавме на десеттина прашања, го интересираше резонот на студентот не само одговорот и мислам дека од тој момент натаму го здобив респектот од професорот, кој ми значеше да го имам. Тој взаемен респект продолжи до крајот на неговото јавно дејствување.

Ѓорѓи се јавил во студентски прашања да бара информација дали сум дипломорал за да ми предложи (што претходно многупати ми најавуваше) асистентско место на катедрата за Кривично право. Беше малку разочаран кога ја избрав онаа на Меѓународно право (а имав можност да бирам колку и да се чини тоа арогантно од денешен аспект, токму така се погоди), но брзо го поминавме тој јаз проследено со неговиот став: не е важно каде важно е да си на Правен, со него во она што секогаш го имавме како поттекст на секој муабет – слободата на мислата во науката и политиката (како и да завртите тоа секогаш беше тема), и критика на еднопартискиот систем на ‘социјализмот со човечко лице’ сосе неговите ортодоксни испрдоци на македонската партиска сцена, и посебно меѓу професорите на Правен.

На Правниот факултет, како резорт за избор на политички кадри во социјализмот, имаше две струи и едно големо молчаливо мнозинство кое се приклонуваше најчесто кон моќта, партиските чистки и глупости пуштени на најјако на факултетот.

Една традиција на либерална струја (Милосавлевски, Чокрески, Нетков, најистурено и најјасно либерално стојалиште, потоа либерално молчаливо присуство на Арнаудовски и учените ликовите како Наум Гризо, Стрезо Стрезовски и помладата генерација на Денко, Владо, Јане, Лазе и Елена Градишки, и потоа некои помлади во тоа време, но тоа се веќе други времиња и нив во кои и јас се сместувам во овој момент ќе ги прескокнам).

Ѓорѓи Марјановиќ беше некоја генерација помеѓу, но најжесток и тоа во област која беше исклучиво конзервативна и репресивна (Кривично право), која беше чекан на репресија на партијата. Област полна со (дури и помлади од него) ортодоксни и партиски “маши“, кои беа спремни (како подоцна ќе се покаже), да ги егзекутираат своите поумни, похрабри и постари колеги за каузата на партијата и својата лична кариера.

Во тие борби на Правен сите учествувавме, некои од нас се гордеат со тоа, некои молчат и се срамат, рационализираат со својата улога и гласање на Наставничките совети, кога се судеше на Ѓорѓи за неговите научни ставови за делото на „вербален деликт“ и кога му се изрекуваа партиски казни. Тие се влечеа по нив и дури кога јас дојдов да бидам (што ми стана?) шеф на партиската организација на Правен, која ја распуштив во мојот краток мандат – казните на Ѓорѓи, Чокре, Милосавлески и Нетков беа поништени. Некои од нив со право се шегуваа, со тие задоцнети симболични мерки (но колку да се знае).

Судирот на Ѓорѓи со ортодоксијата на Правен не беше во научната аргументација за укинување на делото вербален деликт, за кое секако Ѓорги имаше право и беше супериорен (кое потоа се укина од вечниот реформатор на кривичното право во Македонија, ортодоксот и партиската маша, неговиот колега во една од безбројните реформи пет-шест години подоцна, откако истиот лик за истата тема, претходно го егзекутираше својот колега на Наставничкиот совет на Правен). Имено, аурата, жестокоста на судирот, револтот на ортодоксијата кон Ѓорѓи не беше за тоа пред сѐ.

Тоа беше тригер… Судирот беше со неговата одлука, волја и храборст да се бори за елиминација на партиско-политичките мешања во науката и научната ригорозност. Дрскоста да се спротистави на кохортата јадни ликови, кои умислуваа дека со ударот кон него имаат некаква моќ, што ли да е тоа, беше тажна за гледање и преживување. Нивното прчење, солење памет, обид да најдат аргументи против Ѓорѓи и посебно и над се бесот и омразата кон него: ‘како тоа тој може да НЕ се покори на нивните партиски, а кобајаги научни авторитети – беше центар на судирот. Ортодоксите мислеа и се плашеа дека со еден таков глас против, кој евентуално ќе победи, нивната кула од партиски карти ќе се сруши – како што всушност и се сруши, набргу.

Неверојатен, запенавен бес сведочевме од Габер, Сава, Шкариќ, Камбо, Митков, Картов, Хаџивасилев, Марина – во директен напад на Ѓорѓи, а се користеше квази научното пледоаје, изложено од Камбо. Но следната група на молчаливо мнозинство, до коски исплашено од партискиот пир против Ѓорѓи беше чудно бесно на него: зошто тој не се покорува и не се повлекува. Зошто, замислете, ги става во улога, ги изложува да гласаат против него и за партиската казна за него. Бесни однатре, зошто Ѓорѓи прави нешто што тие никогаш не можеле ниту се усудувале: да се спротистават на партиската узурпација на правната наука и, престрашени од етичкиот став кој Ѓорги го промовира со својот гест на спротивставување, етички гест со вистинската револуционерна сила на вистината низ наука. Тоа беше ‘крвопролевање’, масакр на ништите духом, на кое сум присуствувал во живо, а чии лица подоцна секојдневно ги гледав низ кулоарите на Правен.

Parrhesia на Правен, parrhesia на Универзитетот, parrhesia во општеството: парезија во слободата на изразување значи сила и знаење да се зборува вистината, должност да се зборува вистината и храброст да се издржат сите консеквенци од зборувањето вистина. На неговите последни предавања на Collège de France (1970-1984) Мишел Фуко, зборува за parrhesia. Поимот парезија го дефинира како „храброст за вистинитост кај личноста која зборува, и независно и наспроти се’ го презема ризикот за говорење на целата вистина што се содржи во неговата мисла; истовремено бивајќи и самата храброст на соговорникот – при можното согласување со болната вистина што ја слуша“ (од Courage of the Truth, 2012: 13). Ако етичкиот чин на проф. Марјановиќ, силно здружен со прогресивна научна мисла и тоа во област на правото која е ригидна и тврда – кривичното право, го поместиме кон горливо вистиноговорење или парезија, зарем не изгледа како Ѓорѓи да ги изборел идните борби на нашата современа демократија, во која токму слободата на изразување, критичката научна мисла и волјата или подобро – храброста за вистината се премиси за опстојба на плуралниот свет?

Тоа го стори Ѓорѓи Марјановиќ на Правен, во својата област на правото, во деновите на хајката врз него. Тој се изложи и ги издржа сите притисоци кон себе (па и кон семејството) за тоа. Тоа е архимедовата точка на која се потпира слободата на изразување како фундаментално право во демократијата и либералните општества. На таа точка се потпира уставната клаузула за автономија на Универзитетот, како можност да се создаде опкружување во кое може да се зборува вистината, и со тоа да се создадат сите шанси општеството да напредува во демократија. Тоа е заслугата на борбата на проф. Марјановиќ, неговата жртва. Можам да си дозволам да се самокритикувам во оваа точка. Мислам дека можев предметот Слобода на изразување, кој го создадов и предавав сосе лекцијата за паресија кај Фуко, да ја почнам токму со предавање за борбата и значењето во „Случајот Марјановиќ“, за самосвеста на Правен и неговата вистинска историја за борба за демократија.

Нормално како бива во животот на провинциската малограѓанштина, на кој Правен е само л’снат изданок – сѐ се измеша во годините потоа. Ги прифатија идеите на Ѓорѓи ‘храбро’ носејки ги како свои (академик), почнаа да го слават како „Моцарт на Правен“. Замислете, сѐ што имаат да кажат е дека: имал интересни предавања, на кои давал бизарни примери. What the fuck?! Или истата колешка (попатно, членка на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“) вели: ако ја критикуваш институцијата во која работиш, ти си против неа и го рушиш имиџот – па ова беше основниот напад врз Марјановиќ во време на хајката, исто, од збор до збор обвинување; или ако јавно критикуваш ти си против институцијата (државата), па точно тоа Марјановиќ јавно го направи и по овој рецепт на дрчнава колешка ја водеа хајката против него. Понатаму, истата вели ‘ако не ти чини’ (демек критикуваш) дај си отказ и отсели се од државата. Уф, јеботе?! Буквално истиот аргумент го користеа против Марјановиќ, заканувајќи му се дека ќе го избркаат од работа.

Значи византологијата е пуштена на најјако. Но и после огромната временска дистанца, одбивно е да се чуе ваква травестија и кукавичко јајце снесено таму некаде. Oва е едноставно така, затоа што неговиот етички чин на отпор кон моќта е доволно далеку и не ги обврзува да се водат од него. Го третираат како бизарен ексцес, не како метод – водилка на етичко постапување во науката и педагогијата. „Случајот Марјановиќ“ стана интересно наследство во ‘богатата’ историја на ебаниот Правен.

*Текстот е напишан по барање на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, на кое со задоволство одговорив

Љубомир Д. Фрчкоски