ФОКУС : ТЕНДЕРИ ЗА ПОВРЗАНИ КОМПАНИИ „ВЛЕГОА“ ВО БИТКАТА НА ДУИ СО ОДМЕТНАТИТЕ МЕЏИТИ И ГАНИУ!

0
536

Партијата на Али Ахмети побара институциите да испитаат како народни средства од општина Чаир, предводена од Висар Ганиу, близок соработник на Изет Меџити, се одлеале кон „Бауер БГ“ и „Енергоинвест Трејд“. Што пишуваше „Фокус“ за овие меѓусебно поврзани фирми, кои градеа објекти, базени, игралишта, а управителот се најде под истрага поради тендерот за владината фасада?
од Фокус 15.10.2023

Поранешниот потпретседател на ДУИ Изет Меџити често ја обвинува поранешната партија на чело со Али Ахмети дека е вмешана во криминал и корупција, но деновиве се соочи со контранапад.
Прво, албански медиуми, условно кажано, го подготвија теренот, пишувајќи за тендери што ги добивала познатата градежна компанија „Бауер БГ“‘ од Општина Чаир, чиј градоначалник Висар Ганиу исто така беше дел од „огнената фракција“ во ДУИ и на крај му се приклучи на Меџити во новата партија – Демократско движење.

Веднаш потоа, се огласи ДУИ со барање институциите да ги испитаат овие договори за јавна набавка.

Како што соопштија од таму, со загриженост ги следат „медиумските известувања за флагрантна злоупотреба на јавните набавки во општина Чаир“, според кои од 2020 до 2023 година Општина Чаир издвоила 16 милиони евра за тендери за две фирми – „Бауер БГ“, како и уште една фирма со ист сопственик – „Енергоинвест Трејд“.

„Општина Чаир со компанијата „Бауер БГ“ склучила 23 договори за јавни набавки во вредност од 4.113.165 евра, како и договор за плоштадот „Скендербег“ во вредност од 11.091.674 евра, што е вкупно 15.204.843 евра. Ги повикуваме надлежните институции да ја испитаат евентуалната злоупотреба на буџетските средства и да постапат согласно законот“, побараа „интегративците“.
Во однос на тоа, реагираше чаирскиот градоначалник Ганиу, кој истакна дека ДУИ ги става на тапет сите оние кои мислат поинаку, но, како што порача, тоа нема да му помогне да ги сокрие сите коруптивни скандали и гревовите направени кон албанскиот народ.

Патем, тврди дека сите тендерски постапки се спровеле законски и транспарентно.
„Апострофираната компанија „Бауер БГ“, од Владата во актуелната 2023 година има добиено тендер во вредност од 6,5 милиони евра. Од Министерство за образование и наука истата компанија има добиено тендер во вредност од скоро 2 милиона евра, додека од Министерство за животна средина над 1 милион евра. Од Агенцијата за храна и ветеринарство над 8 милиони евра, од Министерството за труд и социјална политика 2 милиони евра, севкупно околу 20 милиони евра“, вели Ганиу.Воедно, тој ги покани сите релевантни институции да го истражат овој случај, но истражувањето да продолжи и во сите други институции раководени од ДУИ, особено во Министерството за политички систем предводено од Артан Груби, како и во Државна Лотарија, каде, според Ганиу, управува десната рака на Груби.

РЕЗЕРВНА КОМПАНИЈА ПОРАДИ НЕГАТИВНА РЕФЕРЕНЦА
Што се однесува до градежната „Бауер БГ“, „Фокус“ во неколку наврати досега пишуваше за тендерите што ги добива оваа компанија, која стана позната за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога, пред се, имаше плодна соработка со Град Скопје додека градоначалник беше Коце Трајановски.
Притоа, карактеристично беше тоа што компанијата склучуваше многу вредни договори откако на тендерот испаѓаше најповолен понудувач со најниска цена, но често конечната цена на крајот растеше, како резултат на дополнителните анекс-договори.Како и да е, и по политичките промени компанијата продолжи да добива тендери и така е до ден денес.

По промената на власта, „Бауер“ соработуваше со Град Скопје, како и со скопските општини Гази Баба и Чаир. Така беше сѐ до моментот кога фирмата по вторпат доби едногодишна забрана за учество на тендерски постапки поради издадена негативна референца.

Како што веќе пишувавме, компанијата прво доби негативна референца од Јавното претпријатие за државни патишта, бидејќи не го потпишала договорот за јавна набавка откако веќе била избрана за најповолен понудувач за изградбата на мост во Охрид.Сепак, успеала во судска управна постапка да ја поништи референцата.
Набргу потоа, заработи уште една негативна референца од Министерството за образование, поради непочитување на договорот за изградба на училиште. Оваа референца и забрани на компанијата пристап до јавни набавки во рок од една година.

Меѓутоа, нејзините сопственици Благој Димитров и Горан Димитров почнаа да учествуваат на тендери преку друга компанија – „Енергоинвест Трејд“, основана во далечната 1996 година како компанија за трговија на мало со леб, печива, колачи и слатки, за во 2014 година да ја смени приротетната дејност во изградба на станбени и нестанбени згради.

Во меѓувреме, дошло до промени во двете компании, така што денес сопственици на „Бауер БГ“ се Благој Димитров и Гордана Димитрова, која, пак, моментално се јавува и како единствен сопственик на „Енергоинвест Трејд“.
Неделникот „Фокус“ пишуваше дека Димитрови преку оваа компанија добиле неколку тендери, од кои се издвојуваше оној од Агенцијата за млади и спорт за изградба на затворени училишни базени вредни над 3 милиони евра.
Иако двајца членови на Комисијата за јавни набавки нотирале дека понудените цени ги надминуваат средствата предвидени за оваа намена, сепак мнозинството одлучило поинаку.

АРХИВА: Газдите на „Бауер“ преку друга фирма добија милионски тендер за базени!
Веднаш по истекот на забраната за учество на тендерски постапки, објавивме сторија како „Бауер БГ“ склучи и договор од 146 илјади евра со истата институција за изградбата на кошаркарски игралишта, и тоа по вторпат, откако првиот пат постапката била поништена поради наводна аритметичка грешка.

АРХИВА: Како „Бауер БГ“ најмногу профитираше од изградба на баскет-игралишта?
Во меѓувреме, на „Бауер БГ“ и истече негативната референца, но повторно „падна во проблеми“, откако нејзиниот управител беше осомничен поради зделката за изведба на владината фасада.

И покрај истрагата, пишувавме дека компанијата пак продолжи да работи на јавни проекти.
Додека управителот е под истрага, „Бауер“ доби уште еден вреден тендер од Град Скопје!
ИСТРАГАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕ ГИ СОПРЕ ТЕНДЕРИТЕ

Инаку, пред повеќе од една година, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за реконструкцијата на фасадата на објектот на Владата, како дел од проектот „Скопје 2014“.
Поточно, со истрагата беа опфатени четири лица, меѓу кои поранешен директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, но и управителот на фирмата „Бауер БГ“, која беше ангажирана за изведбата на фасадата во вредност од 17,7 милиони евра.

Според обвинителството, тој ја изиграл постапката за јавна набавка.„Иако бил должен, согласно Законот за јавни набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за останатите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејствија првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 484.654.000 денари (или речиси 7,9 милиони евра)“, наведоа тогаш од Обвинителството.

Исто така, според Обвинителството, ангажираниот подизведувач при изградбата не го ставил материјалот кој бил предвиден со основниот проект, туку употребил несоодветни декоративни елементи.

„Подизведувачот што го ангажирал за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги испочитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект“, соопштија од таму.