УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА УПАДОТ ВО М-НАВ – НЕМА ДОКАЗИ ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА НА ВОЗДУШНИОТ СООБРАЌАЈ

0
85

Обвинетите за упадот во Македонската навигација кои на почетокот на годинава предводени од поранешниот министер за економија и претседател на огранокот на ДУИ од Чаир, Беким Незири, се спогодиле со обвинителството па така седуммина од нив се осудени на условни казни, а еден е ослободен од обвинение.

-Основниот кривичен суд Скопје денеска донесе пресуди врз основа на предлог-спогодби со седум лица обвинети како соизвршители на кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. На шестмина од обвинетите за стореното кривично дело им е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се изврши доколку во рок од една година и шест месеци по правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

За еден обвинет, кој преземал потешки дејствија за да го попречи службеното лице и бил претходно осудуван за дело против општата сигурност, изречена е алтернативна мерка – условна осуда со заштитен надзор, односно казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, и истовремено Судот на тој обвинет му одреди и други обврски кои ќе бидат предмет на заштитен надзор, соопшти Обвинителството.

Иако првично, сега осудените се товареа за кривично дело „загрозување на безбедноста на воздушниот сообрачај“, сепак од Обвинителствтото го преквалификувало кривичното дело во „спречување на службено лице во вршење службено дејствие“.

-Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ги склучи предлог- спогодбите по целосно прибирање и анализа на доказниот материјал поврзан со настанот кој се случи на 4 јануари во просториите на М-НАВ, на Меѓународниот аеродром Скопје. Имено, во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални искази од вработени лица во М-НАВ како сведоци на настанот и од оштетеното службено лице, како и извештаи за безбедноста на авиосообраќајот во критичниот момент од Агенцијата за цивилно воздухопловство и од меѓународната агенција Еуроконтрол. Овие докази не посочуваат дека во времето на извршување на дејствијата на обвинетите имало опасност и била загрозена безбедноста на воздушниот сообраќај и од тие причини повеќе не опстојува кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од Кривичниот законик за што беше поведена истрага, објаснуваат од Обвинителството зошто го преквалификувале делото.