ТРИФУН КОСТОВСКИ : СУДБИНА

0
410
Почитувани читатели, во денешната колумна, посветена на Еуростандард банка, ќе се потрудам пред вас да ги искажам моите размисли, сомнежи, заклучоци кои ме мачат сиот овој период, речиси три и пол години.

Во последните денови од календарската 2023 година, по четврти пат после стечајот на Еуростандард банка,  ја испраќам старата и ја дочекувам новата година без одговор на она што длабоко ме мачи.

Се прашувам, кои се основните фундаменти на нашата држава? Одговорот е еден и единствен, тоа се институциите на системот имплементирани во нашиот секојдневен живот. Без лажна скромност, важам за еден од најголемите донатори на Македонија, од нејзиното осамостојување од 1945 година  до денес, а се соочувам со невидена  неправда. Имам донирано финансиски средства во сите сфери на нашето живеење како спорт, кутура, културно наследство, уметност, инфраструктура и политика и тоа два пати повеќе од средствата вложени во Еуростандард банка.
Очигледно овие мои дела за Македонија не допираат до институциите кои треба да го штитат мојот и јавниот интерес на државата. Очигледно е дека се трудат во мене да најдат криминалец кој не постои.

Кој е тој човечки порив кај поединци, групи и институции да се ништи чедо кое неизмерно ја сака својата татковина и своите граѓани во земјата. Верувам во правдата, бидејќи така сум учен и така ги учам моите блиски од семејството и пријателите,  дека правдата мора да победи.
Дали тоа е така?

Цели 38 месеци се води истрага против мене од Основното јавно обвинителство. Сите законски рокови за нејзино завршување се изминати, ама тоа не важи за мене во Република Македонија. Законот се става настрана, а институциите на системот и понатака ме ништат. Многумина веруваат во судбина. За мене,  судбината  на секој поединец зависи од самиот човек, меѓутоа со тек на време сваќам дека не секогаш е така. Во дадениов случај, мојата судбина ја крои системот кој функционира во Република Македонија.

Институциите Народна банка, судство во Република Македонија и Јавното обвинителство се тие кои директно влијаат врз мојата и судбината на моето семејство.
Од стечајната маса на Еуростандард банка е очигледно дека ќе бидат исплатени сите правни и физички лица. Се поставува основното прашање, што со остатокот на собрани финансиски средства?

Еуростандард банка немаше повод  да се носи во стечај, бидејќи бројките покажуваа дека банката била ликвидна и добро обезбедена.
Загубите кои ни беа нанесени како семејство после стечајот на Еуростандард банка се трикратно повисоки од капиталот во банката.
Очигледно правдата за мене во Македонија е закопана и ќе морам истата да ја барам во судовите надвор од Македонија.

Сите судски постапки кои се водат во Македонија со мене, моето семејство  и Еуростандард банка се одолговлекуваат само со една  цел, да не дозволат овој предмет да испадне надвор од Македонија.
За јавноста е подобро да знае дека правилото за водење на спор надвор од земјата, налага  претходно да се завршат сите законски постапки во матичната држава.
На крајот ќе споделам една дилема со вас, а тоа е судбината.
Трагајќи  по вистински одговори од институциите на системот  доаѓам до сознание дали е во прашање мојата лична судбина? Роден, воспитуван и школуван во Македонија, стекнат со знаења,  умешност и вештини во Македонија, одам да работам во „белиот свет”, надвор од Македонија, заработувам на чесен начин богатство, се враќам во Македонија, го инвестирам во Македонија и за жал мојата татковина или мојата држава ме уништува. Дали ја носам во себе судбината на светецот Трифун, кој по преданијата чувал гуски, ама бил истовремено и исцелител. На покана од тогашните силни феудалци ја исцелил ќерката на царот и добил огромно богатство. Добиеното богатство го разделил меѓу својот сиромав  народ и на крајот од својот живот се повлекол кај своите гуски. Очигледно дарувањето го имам наследено од мојот светец Свети Трифун. И јас сум дарувал, дарувам и уште ќе дарувам таму каде што  сакам.

Нема да дозволам  мојот чесно спечален имот да ми биде украден и уништуван.
Убеден сум дека и Свети Трифун би постапил исто како и јас.

Почитувани читатели, симболиката со светецот Трифун има свое значење, посебно во деновите кога се чествува големиот христијански празник Божиќ во православниот и католички христијански свет. Колку и да сакаме да бидеме рационални во нашето секојдневие, не можеме да избегаме од наследствата кои токму христијанската религија ни ги има дарувано во нашето секојдневие и живот.

Јас и натаму ќе се борам.
Трифун Костовски